/ Прочитано:

1.861

„Македонското законодавство не ги препознава ниту ги инкриминира сите форми на насилство против жените“ – Ана Аврамоска-Нушкова

Македонското законодавство не ги криминализира, а судејќи по последните извештаи на повеќе истражувања на релевантни организации кои се занимаваат со родово базирано насилство очигледно е дека и македонското општество не ги препознава сите форми на родово насилство против жените и девојчињата, вели Ана Аврамоска-Нушкова, правна советничка која повеќе години се занимава со прашањето за насилство против жените и родово базираното насилство. Аврамоска-Нушкова работи како проектна координаторка во Националната мрежа против насилство врз жените и семејното насилство.

Што, всушност, претставуваат измените на Кривичниот законик во однос на родово базираното насилство?

Истанбулската конвенција е навистина важна за нашето законодавство особено поради тоа што  дефинира неколку клучни поими, и тоа: насилство врз жени, семејно  насилство, род, родово базирано насилство, жртва и жени. Дополнително, Конвенцијата ги препознава и сите форми на насилство врз жените, како што се: „психичко насилство“, „демнење“, „физичко насилство“, „сексуално насилство и силување“, „присилни бракови“, „женско генитално осакатување“, „присилен абортус“ и „присилна стерилизација“, како и делото „сексуално вознемирување“.

Според Националниот акцискиот план, промените на КЗ и усогласувањата со Истанбулската конвенција во согласност со годишниот оперативен план на Министерството за правда требаше да се спроведат во 2019 година, но за жал тоа сè уште се нема случено.

Измените на КЗ се однесуваат на потребата од измени во однос на полов напад и силување, дефинирање на психичкото насилство, инкриминирање на демнењето како ново кривично дело, за кое ќе се воведат санкции за сторителите, но и заштита за жртвите. Исто така, измените на КЗ треба да го опфатат и инкриминирањето на делото „сексуално вознемирување“, вметнувајќи ја родовата перспектива, и да се дадат гаранции дека родовите димензии ќе се земат предвид.

Зошто се потребни овие измени?

Според последниот шести извештај на Комитетот за елиминација на сите форми на дискриминација на жените се заклучува дека македонското законодавство не ги препознава и не ги криминализира сите форми на родово засновано насилство врз жените и девојките во јавните и приватните сфери, вклучувајќи ги и физичкото, сексуалното, психолошкото и економското насилство. Постојното законодавство коешто го регулира семејното насилство е родово неутрално и не ги препознава специфичните аспекти на семејното насилство.

Поради несоодветната законска рамка, како и поради нерегулирањето на различните форми на родово базирано насилство, недостасува сеопфатен систем за собирање податоци во врска со различни форми на родово базирано насилство врз жените и девојките, вклучувајќи и информации за односот на сторителот со жртвата. Така, постои сериозен предизвик да се следи високата распространетост на насилството врз жените и девојките во земјава.

Последната студија направена во 2019 година од страна на Мисијата на ОБСЕ во Скопје детектира висока распространетост на насилството врз жените во земјава. Особено распространето, според студијата, е психичкото насилство врз жените од страна на нивните интимни партнери, имајќи предвид дека 44 % од испитаничките изјавиле дека биле жртви на ваков вид насилство. Во однос на сексуалното вознемирување, дури 30% од испитаничките рекле дека по петнаесеттата година биле жртви и на ваков вид насилство. Понатаму, според наодите од студијата, 14 % од анкетираните жени во рамките на истражувањето изјавиле дека по навршувањето 15 години искусиле некоја форма на физичко или сексуално насилство од страна на партнер или друго лице.

Според последните истражувања и според Извештајот на Националната мрежа за насилство против жените и семејното насилство, фемицидот како најтежок облик на насилство против жените во земјава е присутен во висок процент. Станува збор за 60 % во периодот од 2008 до 2016 година, каде што речиси во сите случаи убиствата на жените се од поранешен или од сегашен партнер. Според неа, измените на Кривичниот законик се повеќе од итни, а имплементацијата на Истанбулската конвенција е единственото решение за намалување на процентот на насилство против жените и семејно насилство.

Какви податоци имате вие како дел од невладиниот сектор кој во земјава се занимава и врши истражување за оваа тема?

Според последната спроведена анализа од страна на Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство: „Анализа на случаи на фемициди – убиства на жени во Република Македонија“, којa го опфаќа периодoт од 2008 до 2016 година, добиени се податоци дека фемицидот како најтежок облик на насилство врз жената, кај повеќе од 60 проценти од анализираните случаи на убиства на жени во Македонија кривичното дело е извршено од страна на актуелниот или поранешен брачен или вонбрачен партнер со кого живееле во заедница. Иако во голем дел од случаите насилството не било пријавувано во соодветните институции, сепак, постоело и се случувало зад затворени врати. Сведоци на претходно насилство најчесто биле децата, како и поблиското семејство на жртвата. Дури и во ситуациите кога сторителот бил со нарушено психичко здравје и имал поставена дијагноза од стручно лице – психијатар, промената на однесувањето не била никаде пријавена или регистрирана. Во повеќе од 80 проценти од случаите убиството се случило во заедничкиот дом или доколку била отпочната постапка за развод, во домот на родителите на жртвата. Овој факт нè носи кон заклучокот дека жените во Македонија се најнебезбедни во својот дом. Најчесто користено оружје за извршување на убиството е огнено оружје,  односно пиштол. Само во мал процент сторителите поседувале дозвола за оружје. Ние не застануваме во борбата против родово базираното насилство. Сè повеќе истражувања нè носат кон нови статистики коишто самите ни ги даваат насоките каде и како да дејствуваме со цел да се намалат случаите на насилство против жените во нашата земја. Во овој период Националната мрежа работи и на дополнување на оваа анализа за периодот од 2017 година заклучно со 2020 година.

Република Северна Македонија ја потпиша Истанбулската конвенција во 2011 година, додека пак ратификацијата следуваше седум години подоцна и стапи на сила во јули 2018 година, а Владата на Република Северна Македонија дополнително го усвои Националниот акциски план (2018–2023) за спроведување на Истанбулската конвенција, каде што централно се предвидени активности на промена на законодавството со цел преточување на стандардите на Конвенцијата во пракса.

Со новото кривично дело „Демнење“ се предвидуваат строги санкции за вознемирување и преку интернет

Усогласување на Кривичниот законик со Истанбулската конвенција: Секој сексуален однос без согласност претставува силување

Казна затвор до три години за кривичното дело „Демнење“ како нова законска измена

Ќе се формира Национално координативно тело за Конвенцијата за борба против насилството врз жените и семејното насилство

Работилница за потребата од усогласување на Кривичниот законик со Истанбулската конвенција

Истанбулската конвенција пропишува низа стандарди кои треба да ги имплементира земјата потписничка

16 дена активизам против родово базирано насилство

Граѓанските организации пред Комитетот на ОН: Жените, сексуалните и родовите малцинства во Македонија се дискриминирани

АНАЛИЗА НА СЛУЧАИ НА ФЕМИЦИДИ: Потребно е фемицидот да се дефинира како посебно кривично дело

„Родово базираното и психичкото насилство врз жените сè уште не се препознаваат“ – интервју со адвокатката Марта Гусар

Оперативниот план за спроведување на Истанбулската конвенцијата на Министерството за правда

Законот за ратификација на Истанбулската конвенција пред пратениците

Усвоен Предлог-законот за ратификација на Истанбулската конвенција во која насилството врз жените се дефинира како кршење на човековите права

Владата ја усвои информацијата за ратификација на најзначајниот меѓународен документ за борбата со насилството врз жените и домашното насилство

Ратификацијата на Истанбулската конвенција – значаен исчекор во борбата против насилството врз жената и домашното насилство

Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство бара итна ратификација на Истанбулската конвенција

М.В