/ Прочитано:

1.822

Мала прошетка низ странските приватни затвори: за и против приватизирањето на казнено-поправните домови

Приватни затвори постојат во најмалку десет земји низ светот, и тоа претежно во англиското говорно подрачје. Додека поборниците на приватизирањето на казнено-поправните капацитети тврдат дека приватниците настојуваат да бидат што поефикасни во управувањето со затворите, со цел да да заработат што повисок приход, противниците гласно говорат оти е бесрамно некој да заработува пари од несреќата на поединецот што завршил в затвор. Трендот на приватизирањето се чини најизразен во САД, коишто го имаат и највисокиот број затвореници во светот: по еден на секои сто жители. Тамошните приватни компании го имаат претворено затворањето на сторителите на кривични дела во доходна дејност, којашто сè повеќе се залага за изрекување долги затворски казни додека во исто време ги намалува трошоците за одржување на затворите. Ве водиме на мала прошетка во заднината на светската практика.

Поборниците на приватизирањето на казнено-поправните домови тврдат дека државните затвори се бунари без дно што од година на година голтаат сè повеќе државни пари и предлагаат со аргументот на неефикасноста државните затвори да се предадат во надлежност на приватни компании. Според кажувањата, приватниците ќе настојувале да бидат што поефикасни во управувањето со затворите, со цел да заработат што повисок приход. Тоа, се вели, ќе отворело нови работни места и ќе имало значаен удел во економскиот пораст. Противниците, пак, гласно говорат оти е бесрамно некој да заработува пари од несреќата на поединецот што завршил в затвор. Тврдејќи оти приватните фирми ги злоупотребуваат и ги малтретираат мнозинството затвореници, противниците се убедени дека приватната затворска индустрија ќе прибегне кон лобирање за построги казни за да си ги оствари своите финансиски интереси.

Приватни затвори постојат во најмалку десет земји низ светот, и тоа претежно во англиското говорно подрачје: Соединетите Американски Држави, Велика Британија, Австралија, Нов Зеланд и Јужна Африка. Иако секоја од нив дозволува приватни компании да управуваат со казнено-поправните домови, карактерот на приватизацијата на затворите најмногу зависи од тоа дали ја носат профитни или непрофитни правни лица. Светскиот пазар на приватните затворски капацитети го обележуваат неколку крупни играчи, од кои најзвучни се американската GEO Group, како и двете британски компании G4S и Serco. Според извештаите на повеќе светски медиуми и на неколку организации за човековите права, мотивот за профит на големите приватници често води кон несоодветни и небезбедни услови за престој во приватните затвори, а големи се разликите и во односот помеѓу приватникот и државата.

На пример, државната управа на Германија ја задржа надлежноста врз затворите кога во 2004 година беше склучен првиот договор за приватизирање казнено-поправен дом.  Франција го применува моделот на јавно-приватно партнерство, според кој државните служби и натаму носат одговорност за управувањето и за безбедноста во затворите изградени од приватни фрими, во кои треба да се сместени околу 50 отсто од вкупниот број затвореници. Во Бразил, каде што од 1999 година е дозволено делумно приватизирање, се водат тешки битки во потрагата по инвеститори за изградба на нови капацитети. Од друга страна, првиот приватен затвор во Јапонија отворен во 2007 година е помалку ограничен во својата работа, така што најголемиот дел од управувањето е одговорност на првитаните актери, но интересно е што местата во него се резервирани за сторители на коишто првпат им е пресудена казна-затвор.

Трендот на приватизирање на затворите се чини најизразен во САД, каде што приватната затворска „индустрија“ има долга традиција. Првиот е отворен уште во 1852 година, а дејноста особено станува доходна по Граѓанската војна, кога затворениците наголемо се користени за обнова на изрушените населени места. Во поновата историја, бизнисот со приватните затвори наново добива одек во осумдесеттите години на минатиот век, кога идеологијата на претседателот Роналд Реган — државата е проблем, а не решение — го поттикнува приватизирањето на сето она што дотогаш се сметало дека може да биде само во надлежност на државата. По забавеното темпо во текот на деведесеттите, војната бротив теророт на Џорџ Буш објавена по терористичкиот напад од 11 септември 2001 година ѝ дава нов стимул на затворската приватизација сред сè поголемиот број нелегални имигранти.

Ако се фрли поглед врз статистиката, САД го имаат највисокиот број затвореници во светот: по еден на секои сто жители. Светскиот печат често пишувал дека ниедно друго општество не затворило во човековата историја толку многу свои граѓани како САД. Тамошните приватни компании го имаат претворено затворањето на сторителите на кривични дела во доходна дејност, којашто сè повеќе се залага за изрекување долги затворски казни додека едновремено настојува да ги намали трошоците за одржување на затворите. Тие добиваат од државата гарантирана сума пари за секој примен затвореник, без оглед на тоа колку ќе чини неговиот престој. Системот, според ваквиот стек на околностите, се чини сосема одржлив: индустријата објавува каталози со услуги, одржува саеми и експертски средби, има свои партнери од градежништвото, добавувачи на храна, агенции за безбедност итн.

Стеснувајќи го видикот во границите на Балканот, искуствата на државите во опкружувањето, како и во Македонија, досега не отвориле простор за востановување инфраструктура на приватни казнено-поправни домови. Според најгласните аргументи во јавноста, со овој вид установи единствено може да раководи државата, бидејќи носат немерливо голем безбедносен ризик за неа. Дотолку повеќе, во нив не се издржуваат само казни, туку се сослушуваат и осомничени за одредени кривични дела, така што за многумина е неприфатливо затворот да падне под нечија приватна капа. Ова размислување, најпосле, се потцртува и кога станува збор за службите за обезбедување вработени преку Министерството за правда или преку Министерството за внатрешни работи: на многумина им е незамисливо обезбедувањето на затворениците да им се довери на лица што не ги вработила самата држава.


Автор: Далибор Стајиќ

Објавено: 28.02.2014