/ Прочитано:

2.327

Малолетните корисници на дроги немаат пристап до лекување поради непостоење национална програма за лекување

Истражувањето на „ХОПС“, во кое беа опфатени млади кои се во посебен ризик од социјално исклучување, а тоа се: деца и млади без родители и родителска грижа, деца и млади Роми, деца и млади во конфликт со законот, деца и млади кои употребувале или сè уште употребуваат психоактивни супстанции, деца и млади од улица и млади кои потекнуваат од семејства кои имаат историја на користење психоактивни супстанции и/или се во конфликт со законот, покажува дека децата и младите во Македонија претставуваат категорија за креирање фиктивни политики, наместо рамноправни членови на државата.

Дрога деца

Малолетните корисници на дроги немаат соодветна здравствена заштита, односно немаат пристап до лекување од зависност, пред сè поради непостоење национална програма за лекување и третман на малолетните зависници од дроги, покажува истражувањето на Невладината организација „ХОПС“.

Влатко Деков, раководител на Центарот за едукација, документирање и истражување при „ХОПС“, истакна дека постојано се зголемува бројот на млади под 18 години кои користат дроги, пред сè, поради индиферентноста на Министерството за здравство.

„Најмалиот корисник е дете од 8 години кое инјектира дрога, иако има и деца на возраст од само пет години кои користат други психоактивни супстанции како што е лепилото. Инаку, во текот на 2016 година, дел од нашите членови кои работат на терен беа во директна комуникација со вкупно 33 малолетни корисници на дроги, од кои седум се нови. Ниту едно од овие деца не започна со лекување поради низа административни пречки. Имено, во дневните центри за лекување и справување со зависност не примаат лица под 18 години. Поради ова, единствена опција е Клиниката за токсикологија, каде што лекувањето е со бупренорфин. Но, за да се добие лекот, прво мора да се обезбеди психијатриска процена потпишана од педијатар. Проблемот е во тоа што Клиниката за токсикологија нема вработен психијатар кој може да ја направи процената, а од Психијатриската болница велат дека не можат да го направат тоа бидејќи не работат со лица под 18 години. Сето ова целосно го оневозможува лекувањето и третманот на малолетните корисници на дроги. Ние инсистираме во најкраток можен рок Министерството за здравство да го реализира и да го усвои протоколот за лекување на деца кои употребуваат дроги, а кој веќе две години е во подготвителна верзија. Исто така, бараме да се формира мултисекторска работна група која ќе изработи програма за лекување, но и за ресоцијализација и грижа за децата кои употребуваат дроги“, изјави Деков.

Истражувањето на „ХОПС“, во кое беа опфатени млади кои се во посебен ризик од социјално исклучување, а тоа се: деца и млади без родители и родителска грижа, деца и млади Роми, деца и млади во конфликт со законот, деца и млади кои употребувале или сè уште употребуваат психоактивни супстанции, деца и млади од улица и млади кои потекнуваат од семејства кои имаат историја на користење психоактивни супстанции и/или се во конфликт со законот, покажува дека децата и младите во Македонија претставуваат категорија за креирање фиктивни политики, наместо рамноправни членови на државата.

„Во Македонија младите во ризик претставуваат категорија за која не постои унифицирано документирање во склоп на работата на владините институции. Според законските прописи и според начинот на дефинирање може да се забележи отсуство на усогласеност на институциите во препознавањето на младите во ризик. Од информациите добиени од институциите кои во својот домен на работа вклучуваат работа со млади во ризик се забележува неконзистентно бележење на услугите, а тоа укажува на несериозен пристап во работата и на слабост при давањето услуги. Од друга страна, пак, здруженијата кои работат со млади во ризик ги бележат услугите што ги нудат, но се соочуваат со предизвици во спроведувањето на услугите за деца во ризик поради ограничените законски овластувања. Предност на голем број од институциите е што имаат пишани документи каде што се дефинирани или се опфатени младите во ризик, но отсуството на податоци за реализација на сите акции предвидени во тие документи го попречува следењето и го попречува оценувањето на спроведувањето на зацртаните политики“, истакна Аница Димовска од „ХОПС“.

Таа нагласи дека мора да се воспостави општа меѓуресорска дефиниција за младите во ризик, што ќе овозможи соодветна координација во давањето услуги, а соработката ќе резултира во сеопфатност на услугите.

„Со координирана употреба на воспоставените електронски бази на податоци, државните институции ќе имаат поголем увид во работата на своите подрачни единици и ќе се зголеми ефикасноста на користење на податоците за креирање соодветни политики. Потребно е добрите практики на одделни институции за располагање со податоците да се воспостават како системско решение во сите органи на државата. Воведувањето систем за набљудување, оценување и известување за услугите кои ги нудат институциите ќе овозможи отчетност за работењето и ќе придонесе за подобрување на резултатите од работењето. Истовремено ќе овозможи увид во спроведувањето на зацртаните политики и следење на нивната ефикасност. Здруженијата кои веќе работат со младите во ризик треба да бидат финансирани преку државните буџети. Со креирање соодветни политики на локално и на национално ниво и со воспоставување услуги и сервиси државните органи ќе покажат грижа за своите граѓани, а ќе обезбедат и отчетност во располагањето со средствата од граѓаните. Со поголема институционална флексибилност ќе се овозможи проширување на постојните капацитети за нудење услуги и за креирање нови услуги во согласност со потребите на младите во ризик и ќе започне процес за оспособување и за активно вклучување на младите во создавање општество по мерка на сите граѓани“, нагласи Димовска.

А. Б.