/ Прочитано:

2.782

Манчевски: Листа на документи кои министерствата се задолжени да ги објават на веб-страница

Владата на денешната седница ја разгледа и усвои информацијата подготвена од Министерството за информатичко општество и администрација, што се однесува на листа на акти и материјали коишто министерствата во согласност со закон се обврзани да ги објават на своите веб-страници. Станува збор за листа од 21 документ, кои во наредните 15 дена треба да бидат објавени на веб-страниците на министерствата и другите органи на државната управа, појасни Манчевски, нагласувајќи дека оваа мерка на Владата е со цел граѓаните да имаат поголем увид во работата на државните органи.

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, на прес-конференција изјави дека Владата на денешната седница ја разгледа и усвои информацијата подготвена од Министерството за информатичко општество и администрација, што се однесува на листа на акти и материјали коишто министерствата во согласност со закон се обврзани да ги објават на своите веб- страници.

Станува збор за листа од 21 документ, кои во наредните 15 дена треба да бидат објавени на веб-страниците на министерствата и другите органи на државната управа, појасни Манчевски, нагласувајќи дека оваа мерка на Владата е со цел граѓаните да имаат поголем увид во работата на државните органи.

Анализите спроведени во 2016 година, како што посочи министерот, покажуваат дека во поглед на отвореноста на извршната власт во регионот, Македонија е на последното место. Во оваа насока, Манчевски истакна дека се наметнува итна потреба да се преземат конкретни мерки, за да се подобри ваквата ситуација, особено, како што рече, имајќи ја предвид целта на Владата за транспарентност и отчетност во своето работење.

Покрај министерствата за одбрана и внатрешни работи, предложениот сет документи е унифициран и важи за сите други министерства, така што тие ќе треба да ги објавуваат и редовно да ги ажурираат на своите веб-страници. Ова, како што појасни министерот Манчевски, значи дека само МО и МВР нема на своите веб-страници да ги објавуваат плановите за јавни набавки, Правилникот за внатрешна организација, Правилникот за систематизација на работните места и списокот на вработените.

„На овој начин, на граѓаните им се овозможува да добиваат информации кои им се неопходни за еднакво учество во политичкиот живот, учество во донесувањето на одлуките и барање одговорност од институциите. Исто така, ќе им се овозможи на сите заинтересирани страни, вклучително и на медиумите, непречено да вршат реална и навремена анализа на работата на институциите“, рече Манчевски.

Покрај министерствата, Манчевски најави дека предложениот сет документи ќе треба да биде објавуван и од страна на другите органи на управата, за кои засега се прават детални анализи за евентуални сензитивни информации и податоци, кои може да се однесуваат за одредени институции.

А. Б.