/ Прочитано:

617

Маричиќ: Следната година ќе има зголемување на буџетот за судството и за обвинителството

Министерот за правда Бојан Маричиќ во гостувањето во „Утрински брифинг“ најави дека следната година ќе има зголемување на буџетот за судството и обвинителството. Според Маричиќ ќе има зголемување на платите за судиите и обвинителите, но и нови вработувања со цел да се пополни недостатокот од кадар во овие институции за нивно поефикасно работење во интерес на граѓаните. Во однос на прашањата за намалување на судскиот буџет во споредба со 2019 година, министерот кажа дека реално такво намалување нема.

„Во однос на констатацијата дека има намалување за околу 8% во Судски буџет во 2019 во споредба со буџетот за 2020 година, би сакале да појасниме не станува збор за намалување на оперативните средства на Судскиот буџет, туку дека оваа разлика се должи на фактот што во Судскиот буџет за 2019 беа обезбедени дополнителни 120 милиони денари за исплата на надоместоци на судии кои имаа тужено и ги повлекоа тужбите по постигнатите спогодби за исплата на дополнителните надоместоци на плата. Со ова, се придонесе за заштеда на финансиски средства кои би се јавиле како трошок по основ на дополнителни судски трошоци. Со оглед на тоа што станува збор за еднократна исплата од Буџетот за 2019 година, средствата за таа намена не се алоцирани во Судскиот буџет за 2020 година“, потенцираше Маричиќ.

Инаку, намалениот буџет за судскиот систем е нотиран и во извештајот на Европската комисија.

„Буџетот на судскиот систем кој се однесува на буџетот за судови, на јавните обвинителства и на правната помош е намален за 8,3 проценти во однос на 2019 година и во однос на 2020 година. Тогаш изнесувал 40 милиони евра или 19,5 евра по глава на жител и тоа е под просекот за регионот на Западен Балкан кој изнесува 37,8 евра по глава на жител, се нотира во извештајот на Европската комисија во делот за квалитетот на судството“, се вели во Извештајот.

Во Извештајот исто така, се посочува дека на крајот на 2020 година имало 493 судии (23 на 100 илјади жители), од кои 61 процент жени и 187 јавни обвинители (девет на 100 илјади жители). Од посочената бројка 55 проценти биле жени. Споредено со 2019 година, се вели во извештајот, има намалување на бројот на судии и има намалување на бројот на јавни обвинители во 2020 година. Останува од суштинско значење, се нагласува во извештајот,  да се обезбеди соодветна проценка на потребите за персонал. Во документот се потенцира и дека дигитализацијата на судството во најголем дел зависи од странски донации.

Намалениот буџет за судскиот систем нотиран и во извештајот на Европската комисија М.В