/ Прочитано:

637

Маричиќ: Судството покажа дека може да функционира онлајн

 

„Во едно демократско општество, многу е важно граѓаните да бидат добро информирани како да си ги остварат своите законски загарантирани права, како да добијат заштита на тие права и како сите да имаат еднаков и фер пристап до правдата.

Токму од оваа причина, Европскиот ден на правдата, 25 октомври, досега го одбележувавме со отворени судници и канцеларии за да ги доближиме граѓаните до правдата, да ги запознаеме со тоа како функционира правосудниот систем и да ги информираме за нивните права и правото кое државата им го дава во вид на бесплатна правна помош.

Преку бесплатната правна помош се гарантира дека граѓаните кои се во тешка финансиска состојба ќе добијат адвокат и фер судење, но и право да добијат информација или совет за одредено прашање од правна природа.

За да ја направиме правдата подостапна за граѓаните, наскоро очекуваме и огромно намалување на максималната судска такса, која досега беше 48.000 денари.  Сега таа ќе се намали за осумпати и ќе изнесува најмногу 6.000 денари. Со ова, судските трошоци за граѓаните ќе бидат значително намалени, со што правдата ќе стане подостапна за нив.

Сепак, ова ново време на светска пандемија донесе  нови предизвици и за правосудство и бара нови решенија како да функционира системот, да продолжат судските рочишта и постапките пред судовите и обвинителствата. Учениците, наставниот кадар и образовниот систем со извонредна посветеност, соочувајќи се со многу предизвици, покажаа дека системот во овие времиња треба и може да функционира и онлајн.

За време на вонредната состојба, во судството имаше примери кои потврдија дека може да се функционира и онлајн, што е добар показател дека доколку има таква потреба, во иднина ова може повторно да се воведе во пракса.

Сакам да упатам порака до вас граѓаните дека пандемијата ги засега и човековите права и дека како никогаш досега треба да покажеме единство, одговорност и грижа за здравствениот персонал, кој дава огромни жртви грижејќи се за нашето и за здравјето на најблиските. Единствено и само со почитување на мерките и преку верба во научните факти можеме да спречиме нови рестриктивни мерки и побрзо да се избориме со оваа пандемија“, истакна министерот за правда по повод Европскиот ден на правдата.

Онлајн судења во Основниот суд Кавадарци

М.В