/ Прочитано:

1.131

Масовно шпионирање податоци на светската интернет мрежа: правото на приватност заглавено помеѓу индивидуалната слобода и општествената безбедност

Актуелните превирања во врска со масовното шпионирање на светската интернет мрежа не носат ништо ново: тајните служби отсекогаш прибирале податоци. Нивната слобода да го професионализираат своето дејствување останува нивно неприкосновено право, но напредокот на технологиите дополнително ја унапредува нивната моќ. Дилемата што ја наметнува жешката афера, всушност, е дали граѓанинот-корисник на светските интернет сервиси веќе изгубил дел од своето право на приватност. Ова прашање се најде минатата недела и пред Европскиот суд на правдата. Франсоа Годман, истражувач на политики при невладиниот Европски совет за меѓународни односи, недвосмислено тврди: не постои гаранција дека ниту една влада во светот не практикува прибирање и следење податоци на интернет мрежата, но уште поочигледно е дека ниту една влада не е способна самата да се справи со гигантите на компјутерската ера обележана од влијанието на политичките одлуки на Америка.

Актуелните превирања во врска со масовното шпионирање разнородни податоци на светската интернет мрежа не носат ништо ново. Тајните служби отсекогаш прибирале податоци, но напредниот развој на технологијата засилено ја унапредува нивната моќ. Ниту еден закон не може да ги одврати тајните служби од она што го прават, а слободата да го професионализираат своето дејствување останува нивно неприкосновено право. Програмите за набљудување јасно покажуваат: податоците прибирани во минатото, како и оние што неминовно ќе се прибираат во иднина, ќе имаат силен одраз во меѓународните односи; дури и најмалата отстапка од утврдените норми, коишто од година на година стануваат сè поостри, може да стане сомнителна. Начелото дека никому не може да му се случи ништо лошо ако не прави ништо лошо веќе не важи, зашто никогаш не може да се знае што е „ненормално“ за програмите воспоставен од компаниите што шпионираат по туѓ налог.

Прашањето што особено доаѓа до израз во целата дискусија, всушност, е дали корисникот на светските интернет сервиси ја изгубил со прибирањето на податоците од тајните служби контролата врз сопствените четири ѕидови. Проблемот оди многу подалеку од секојдневното споделување статуси на социјалните мрежи, од порачките во електронските продавници или, пак, од користењето на пребарувачките алатки. Станува збор за тоа што некој друг ги прибира податоците од направените разговори, има увид во испратените пораки или го следи извршувањето на платните налози: сè што се прави на интернет мрежата може да биде постојано следено, во форма на податок прибрано, меѓусебно поврзано и во детали анализирано. Дури и ако домашните тајни служби не го чинат тоа, бездруго, го прават американските или британските. Исходот од ваквата практика е променлива со сериозни последици: газење во сферата на уставно гарантираната приватност.

Разгледувајќи ги подробностите на проблематиката во разговор за „Академик“, проф. Франсоа Годман, истражувач на политики при невладиниот Европски совет за меѓународни односи, тврди: не постои гаранција дека ниту една влада во светот не практикува прибирање и следење податоци на интернет мрежата, но уште поочигледно е дека ниту една влада не е способна самата да се справи со гигантите од корпорации на компјутерската ера обележана, пред сè, од влијанието на Америка. Според него, продорот на американското влијание, како од страна на корпорациите така и од страна на политиката, треба внимателно да се следи и колку што е можно повеќе да се регулира со јасно одредени правила, коишто ќе гарантираат дека Европа, претставувајќи корпус народи со своја агенда и со различни интереси, нема да се доведе себеси во подредена положба.

„Меѓународните корпорации од областа на информатичките технологии имаат на располагање неограничени ресурси и брзо добиваат позиција на монопол или на олигопол, со што лесно се наметнува сомнежот за нивно вклучување во програми за соработка со владини структури. Во таа смисла, брилијантен е примерот на американската администрација, којашто дословно ја има злоупотребено својата предност во развивањето на клучните информатички технологии, со цел да се стекне со недозволиво количество информации од сите страни на светот. Најзагрижувачки, притоа, е фактот што од денешната временска точка не можеме да дознаеме, ниту пак можеме да разбереме, дали таквата владина практика има граници и дали, воопшто, може да ѝ се стави крај. Ако сакаме Европа да биде отворена, таа прво мора да биде доволно силна, мора да постави свои стандарди за да не потклекне пред големината на американската страна“, порачува Годман.

Ваквиот сплет околности е доволно нејасен за да се најде на дневниот ред на Европскиот суд на правдата во Луксембург, каде што сериозно се расправа од почетокот на минатата недела за прашањето дали зачувувањето и анализата на податоци од интернет разговори — по службена должност, но без основа за сомнение — се во согласност со Повелбата на Европската унија за фундаменталните права. Најголемиот проблем се огледа во тоа дали масовното чување податоци се коси со заштитата на приватноста и со правото на говор. Доколку Судот ги собори моментно важечките директиви од оваа област на ниво на ЕУ, земјите-членки ќе мора да ги повлечат сите досега спроведени мерки. Правната основа за чувањето и за следењето на податоците лежи во директива на ЕУ од 2006 година донесена по терористичките напади во Мадрид, во 2004 година и во Лондон, во 2005 година, со цел да се зајакне борбата против криминалот, но уште од самиот почеток е во многу земји спорна точка помеѓу слободата и безбедноста.

Постојната директива предвидува обврска за чување податоци од меѓународниот комуникациски сообраќај на интернет во рок од најмалку шест месеци, а за одредени видови податоци и во рок до две години. Врз основа на ова задолжение, земјите-членки самите носат закони според кои ги уредуваат случаите кога и кои податоци може да бидат проследувани на државни органи, како што се тајните служби. Она што судиите од Луксембург сега опсежно го проучуваат е дали воспоставената директива била делотворна во борбата против криминалот во Европа, дали поврзувањето на зачуваните податоци лесно може да наведе на определена личност и каков одраз имала нејзината примена во односите со Соединетите Американски Држави, од каде што произлезе целата афера. Конечната пресуда за предметот поведен во Луксембург од страна на уставните судови на Австрија и на Ирска се очекува за неколку месеци.


Автор: Далибор Стајиќ Објавено: 12.7.2013