/ Прочитано:

1.911

МЦМС го објави Извештајот за работата на Државната комисија за спречување на корупција

Наодите од истражувањето на МЦМС покажуваат дека постои потфрлување во надзорните и контролните надлежности. Следењето на имотната состојба на избрани и именувани лица опаѓа, од 126 проверени лица во 2011 година, на 43 во 2015 година. Опаѓа и бројот на барања за поведување на прекршочни постапки поради недоставување анкетен лист, од 58 во 2008 година на само 7 во 2015 година. Исто така, се намалува и бројот на барања за кривично гонење на избрани или именувани лица, односно од 27 во 2008 на само 2 во 2015 година.

Извештајот за следење на работата на Државната  за спречување на корупцијата, кој денеска го презентираше Македонскиот центар за меѓународна соработка, ги следи остварувањата на ДКСК во периодот од 2006 до 2016 година, и тоа во три области: нејзините капацитети, транспарентноста и отчетноста.

Наодите од истражувањето на МЦМС покажуваат дека постои потфрлување во надзорните и контролните надлежности.

„ДКСК досега не подготвила посебен извештај за можните злоупотреби на буџетските средства и средствата од јавните фондови за изборна кампања или воопшто за финансирање на изборна или друга политичка активност, бидејќи не утврдила дека имало такви злоупотреби во изборите спроведени од 2006 до 2015 година. Следењето на имотната состојба на избрани и именувани лица опаѓа, од 126 проверени лица во 2011 година, на 43 во 2015 година. Опаѓа и бројот на барања за поведување на прекршочни постапки поради недоставување анкетен лист, од 58 во 2008 година на само 7 во 2015 година. Исто така, се намалува и бројот на барања за кривично гонење на избрани или именувани лица, односно од 27 во 2008 на само 2 во 2015 година. Овие иницијативи вклучувале постапки против 96 лица и 74 постапки против група лица“, изјави Марија Саздевски, соработник на проекти во МЦМС.

При презентирањето на извештајот беше нагласено дека Регистарот на избрани и именувани лица е воспоставен во јуни 2016 година и е една од најекспонираните алатки на ДКСК. За жал, како што рече Саздевски, тој не е ажуриран бидејќи институциите не ги доставуваат навремено податоците.

„Меѓутоа, за ова ДКСК не покренала постапки пред надлежните судови за изрекување глоба на институциите. Освен тоа, и граѓаните помалку пријавуваат корупција. Десет пати е помал бројот на пријави во 2015 година, споредено со 2007 година, односно 127 пријави во 2015, наспроти 1 114 пријави осум години претходно“, истакна Саздевски, нагласувајќи дека постои висока свесност за корупцијата во сите нејзини форми.

„Повеќе од половина од граѓаните, дури 61 отсто, се свесни за корупцијата, која во Македонија не се манифестира само преку поткуп со давање пари, туку и преку други посложени облици како непотизам, клиентелизам и сл. Но, и покрај свесноста за постоењето корупција, граѓаните многу ретко ги пријавуваат случаите на корупција. Имено, 83,5 проценти од граѓаните не пријавиле случај на корупција на некоја институција задолжена за жалби наспроти само 7,4 отсто кои го пријавиле случајот во некоја од институциите.“

Во извештајот се забележуваат потфрлувања и во транспарентноста и отчетноста на Комисијата. Иако не е законска обврска, ДКСК низ годините пропуштила можност да ја информира јавноста за сите дадени мислења за одреден број предлог-закони. Според извештајот на МЦМС, заклучно со 31 декември 2016 година, сѐ уште нема информации поврзани со антикорупциската проверка на легислативата.

А. Б.