/Прочитано:

160

Mедија-центар во Кривичниот суд

Во Основниот суд Скопје 1 – Скопје беше промовиран медија-центарот на Судот, наменет за претставниците на медиумите кои ја следат неговата работа, а кој е опремен благодарение и со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Центарот е опремен со шест компјутери, библиотека со стручна литература  и аудио- и видеоопрема за следење на судењата во Судницата 1, каде што се одржуваат најголем дел од главните расправи кои се од интерес на јавноста.

Медија-центарот на Основниот суд Скопје 1 – Скопје е прв ваков центар кој функционира во една правосудна институција, а е во рамките на заложбите на Судот за поголема транспарентност и отвореност кон медиумите и невладините организации како претставници на јавноста.

По тој повод свое обраќање имаа претседателот на Судот, судија Иван Џолев, и амбасадорот Клеменс Која, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, кој  ја истакна заложбата на Основниот суд Скопје 1 – Скопје за унапредување на односите со јавноста како пример за останатите правосудни органи.

Воедно, беше промовирана и Стратегијата за развој на транспарентноста, објавена во електронска форма на веб-страницата на Судот во делот публикации – збирки. Стратегијата е почетен документ за развој и понатамошно градење на односите на Судот и медиумите, а сите сугестии во врска со стратешкиот документ за подобрување на овие односи се добредојдени.

„Денешната промоција е заокружување на проектот на Судот со Мисијата на ОБСЕ во Скопје за јакнење на односите на Судот со јавноста, при што беа објавени и информативни двојазични табли и брошури наменети за запознавање на граѓаните за нивните права и обврски“, велат од Кривичниот суд.

М.В