„Меѓаши“: Децата се жртви на бракоразводните постапки, на семејното насилство, а се злоупотребува и нивниот труд
Минатата година, во периодот од јануари до декември, на СОС-телефонот имало јавувања од страна на 111 деца жртви или потенцијални жртви кои пријавиле дека нивните права се прекршени. Но, од „Меѓаши“ предупредуваат дека оваа бројка е многу поголема бидејќи најголемиот број од децата немаат храброст да пријават какво било прекршување на нивните права. Најголем број од нив се жртви на прекршување на нивните права во текот на бракоразводни постапки. Семејното насилство, односно физичкото и психичкото насилство врз децата во рамките на семејството, е втор горлив и долгогодишен проблем во Македонија. Состојбата пак со питањето, односно злоупотребата на детскиот труд во земјава е повеќе од алармантна. Децата се на крстосниците и тоа најчесто под принуда на нивните родители или други организирани групи.
Првата детска амбасада „Меѓаши“ денеска го објави Годишниот извештај за работата на СОС-телефонот за деца и млади, во којшто наведува загрижувачки податоци за прекршувањето на детските права. Сублимираните податоци кои се направени врз основа на јавувањата на СОС-телефонот за деца и млади, покажуваат дека правата на децата најмногу се прекршуваат при бракоразводни постапки, при семејното насилство и при питање, односно злоупотреба на детскиот труд, како и во случаи на сексуална злоупотреба од страна на близок или познаник на детето. За првпат изминатата година беше регистриран и случај на сексуална злоупотреба на малолетник од страна на малолетник.
Минатата година, во периодот од јануари до декември, на СОС-телефонот имало јавувања од страна на 111 деца жртви или потенцијални жртви кои пријавиле дека нивните права се прекршени. Но, од „Меѓаши“ предупредуваат дека оваа бројка е многу поголема бидејќи најголемиот број од децата немаат храброст да пријават какво било прекршување на нивните права.
„Во текот на изминатата година од вкупниот број деца кои се јавија на нашиот СОС-телефон, 33 се жртви на прекршување на нивните права во текот на бракоразводни постапки. Возрасните треба да запаметат дека родителството не престанува со разводот. Тие мора да им обезбедат на своите деца здрав раст и развој и по прекинување на брачната заедница. Во овој контекст, најмногу се прекршува правото на детето за видување со едниот од родителите. Во ваквите случаи, детето нема контакт ниту со бабата ниту со дедото, ниту со братучедите и со останатото семејство на еден од своите родители. Овие деца се вистински жртви на прекршување на нивните права и страдаат поради проблемите што ги имаат нивните родители, кои најчесто се однесуваат на непостоење на комуникација меѓу сопружниците. Сметајќи дека не секогаш родителите се доволно разбрани и договорно можат да се разделат, па да имаат еднакво право на видување, силно ја поддржуваме иницијативата на група родители за одговорно и заедничко родителство и по разводот бидејќи е многу важно да им се даде приоритет на децата при бракоразводните постапки. Сметаме дека нашите укажувања ќе допрат и до центрите за социјални работи, па и тие ќе посветат поголемо внимание кога донесуваат решенија и одлуки за старателството врз децата по разводот. И двајцата родители имаат заедничка одговорност за правилен раст и развој, за грижа и за финансирање во согласност со нивните буџетски можности“, истакна директорот на Првата детска амбасада „Меѓаши“, Драги Змијанац.
Семејното насилство, односно физичкото и психичкото насилство врз децата во рамките на семејството, е втор горлив и долгогодишен проблем во Македонија. На СОС-телефонот на „Меѓаши“ токму за прекршување на детските права во однос на ова прашање се јавиле 21 дете во текот на изминатата година. Состојбата пак со питањето, односно злоупотребата на детскиот труд во земјава е повеќе од алармантна. Децата се на крстосниците и тоа најчесто под принуда на нивните родители или други организирани групи.
„Овие деца секојдневно се изложени на омаловажување, навреди, тепање или пак не им се задоволени егзистенцијалните потреби како мерка што ја применуваат нивните родители/старатели за дисциплинирање или воспитување. Сето ова има длабоки последици врз нивниот психофизички развој. Затоа, сметаме дека е од исклучителна важност поттикнувањето на заедницата за пријавување на семејно насилство, негово осудување и препознавање.
Во однос на питањето, од „Меѓаши“ велат дека постојано ја алармираат државата дека мора да ја почитува Конвенцијата за правата на детето, протоколите и Конвенцијата 182 на Меѓународната организација на трудот за итно спречување на најлошите форми на злоупотреба на детскиот труд. За жал, како што велат, овој проблем е постојано присутен.
„Пред една недела го посетивме Воспитно-поправниот дом „Ранка Милановиќ“ каде што се згрижени деца бездомници и сметаме дека оваа ранлива категорија деца, чиј труд се злоупотребува, итно мора да биде вклучена во образовниот систем, што според нас е единствено решение за спречување на питањето и злоупотребата на нивниот труд. Децата бездомници мора редовно да посетуваат основни и средни училишта, но пред сè уште од најмали нозе мора да им се овозможи да бидат згрижени и во градинките. Тие по многу основи се дискриминирани, а огромен дел од нив немаат ниту извод од книга на родени, што претставува најсериозна дискриминација која може да ја доживее едно човечко суштество. Никаде не се евидентирани, што ги прави лесен плен на сериозен криминал. Постои опасност да бидат киднапирани, силувани, проституирани, а нивните органи да бидат продавани на црниот пазар. Токму затоа, бараме од Министерството за труд и социјална политика да ги прошири капацитетите за отворање детски градинки бидејќи овие установи не се само места за згрижување, туку се и образовни институции кои на децата уште од најрана возраст им го трасираат патот кон подобра иднина“, истакна Змијанац.
На денешната презентација на Годишниот извештај за работата на СОС-телефонот за деца и млади, беше упатен и повик до мобилните оператори во Македонија за усогласување, односно за хармонизација на СОС-телефонот за деца и млади 0800 1 22 22 со европскиот шестцифрен број за помош и поддршка на деца и млади 116 111 и бројот 116 000.
Инаку, во текот на 23-годишното постоење на СОС-телефонот за деца и млади регистрирани се 20 537 повици.
А. Б.