/ Прочитано:

2.082

„Меѓаши“ го презентираше извештајот за работата на СОС-телефонот

Во периодот од ноември 2016 до мај 2017 година, како што беше нагласено, на СОС-телефонот за деца и млади се регистрирани 44 контакти. Податоците говорат дека прекршувањата на правата на детето при бракоразводна постапка се еден од најголемите проблеми со кои се соочуваат децата и нивните семејства. Овој податок укажува на фактот дека е потребно подобро и поквалитетно регулирање на семејните односи и бара поголемо внимание и поддршка од страна на надлежните институции, со цел да се превенираат дополнителни кршења на детските права.

Под мотото „Правото да бидеш слушнат“ денеска Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ го одбележа 17 Мај – Меѓународниот ден на СОС-линиите за помош и поддршка на децата во светот. Целта на оваа симболична кампања е да се  зголемат видливоста и важноста на овие линии за помош и поддршка кои се од неопходно значење за децата, како и да се поттикнат влaдите во целиот свет да ги поддржат СОС-линиите за помош и поддршка. Затоа на 17 мај заедно го одбележуваме фактот што ниедно дете не е само. Во оваа насока, денеска „Меѓаши“ го презентираше извештајот за работата на СОС-телефонот за деца и млади 0800 1 2222 и на сервисите за директна помош и поддршка во периодот од ноември 2016 до мај 2017 година.

Во овој период, како што беше нагласено, на СОС-телефонот за деца и млади се регистрирани 44 контакти.

„Од овие контакти, само 4 се деца кои се јавиле да се информираат за своите права, да се информираат во однос на некои свои проблеми со кои се соочуваат во текот на развојот или пак да пријават сомнеж за можно прекршување на своите права. Врз основа на информациите кои ги имаме добиено за можни прекршувања на детските права и кои се структурирани според бројот на деца кои се опфатени во овие случаи, станува збор за вкупен број од 50 деца, каде што постојат сомневања за можно прекршување на некое нивно право. Податоците говорат дека прекршувањата на правата на детето при бракоразводна постапка се еден од најголемите проблеми со кои се соочуваат децата и нивните семејства. Овој податок укажува на фактот дека е потребно подобро и поквалитетно регулирање на семејните односи и бара поголемо внимание и поддршка од страна на надлежните институции, со цел да се превенираат дополнителни кршења на детските права. Како најкарактеристични податоци кои можат да се издвојат за децата кои се опфатени во пријавените случаи, можни прекршувања на нивните права, регистрирани во Детската амбасада „Меѓаши“, се:

Бракоразводни постапки – 27 деца биле потенцијални жртви на прекршување на правото на детето при бракоразводни постапки;

Семејно насилство – 10 деца од вкупниот број деца потенцијални жртви биле незаштитени и изложени на насилство во своето семејство“, се потенцира во извештајот на „Меѓаши“.

При презентирањето на податоците беше нагласено дека во овој извештај се забележува малиот број деца кои ги контактирале и од таа причина, како што велат, неопходно е интензивно да се работи на охрабрување на децата и младите да се јават за да се информираат или за да пријават прекршување на нивните права.

„Воедно, можната причина поради малиот број деца дојавувачи се должи на тешкотијата со која се соочуваат при говорењето на траумите. Според возраста, најголем број од децата потенцијални жртви, вкупно 24, се на возраст од 6 до 14. Од овие податоци може да се заклучи дека најчести жртви на насилство или прекршување на некое нивно право се децата на училишна возраст. На 6 од децата потенцијални жртви не ни е позната возраста, бидејќи тие што се обратиле не ни дале таква информација. Потоа 7 од децата се на предучилишна возраст од 0 до 5 години на кои им се прекршени правата или постои сомнеж за прекршување и 13 деца се на возраст од 14 до 18 години, односно во адолесценција, за кои е пријавено прекршување на нивните права. Според податоците, 27 деца се жртви на прекршување на нивните права во текот на бракоразводни постапки. Од овие податоци може да се забележи дека најмногу се прекршува правото на детето за видување со еден од родителите. Децата, освен проблемот кој го имаат со видување со еден од родителите, исто така се спречени да си го остварат правото со членовите од нивното потесно семејство. Според податоците, можеме да забележиме дека бракоразводните постапки се сè почести и најголемите жртви во процесот се децата кои страдаат поради проблемите во комуникација кои ги имаат нивните родители. Воедно, застапени се и проблемите со доделување на старателство и исплаќање на алиментацијата.

Во текот на бракоразводната постапка, не секогаш се зема предвид мислењето на детето, па затоа децата најчесто мора да остваруваат контакт со еден од родителите, иако тоа е против нивна волја. Децата, исто така, претставуваат ‘жртви’ во овие ситуации, бидејќи постојат родители кои свесно или несвесно го користат своето дете како средство во меѓусебно докажување и покажување моќ на другиот родител, а притоа го занемаруваат интересот на своето дете“, се потенцира во извештајот на „Меѓаши“.

Семејно насилство

Во дадениот период, од вкупниот број случаи, 10 се однесуваат на семејно насилство. Според  податоците, деца се жртви на  психичко, физичко насилство или негрижа од страна на сопствените родители. Овие деца секојдневно се изложени на омаловажување, навреди, тепање или, пак, не им се задоволени егзистенцијалните потреби како мерка за дисциплинирање и воспитување, која, за жал, ја  користат нивните родители. Сето ова влијае врз нивниот оптимален психофизички развој.

Директни средби за психо-социјална поддршка

Детската амбасада „Меѓаши“ во периодот од ноември 2016 до мај 2017 година реализираше средби по барање на загрижените родители, деца и/или младинци. Средбите најчесто беа поврзани со постапувањата на бесплатна правна служба или пак беа остварени по барања на дојавувачите, а се однесуваа на психолошки совети. Дополнителните контакти со дојавувачите беа остварени преку директни средби, но исто така и дојавувачите кои сакаа подетално да разговараат за одреден проблем доаѓаа директно во просториите на Детска амбасада „Меѓаши“.

Постапувања на бесплатната правна служба

Покрај бесплатната СОС-линија за деца и млади, во рамките на Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ функционира и бесплатната правна служба. Во овој период правната служба постапуваше по однос на дојавени случаи во форма на информација и по барање на самите дојавувачи. Правната служба доставуваше дописи до релевантни институции кои се надлежни да постапуваат во делот на заштита на правата на децата. Годинешното искуство  говори дека институциите на системот кои се надлежни да постапуваат се сè поотворени за граѓаните. Ова претставува позитивна стимулација за соодветно реагирање во случаи кога на граѓаните им е потребно системско решение за нивниот проблем. Во неколку наврати се обративме телефонски на бројот на Министерството за труд и социјална политика на Република Македонија 15 505, за деца во социјален ризик, со цел да пријавиме прекршување на правата на децата.

А. Б.