/ Прочитано:

818

„МЕЃАШИ“ ДО УСТАВНИОТ СУД: Недозволиво е педофили да можат да бидат помилувани

Првата детска амбасада „Меѓаши” не се согласува со одлуката на Уставниот суд да расправа за измените на Законот за помилување.

USTAVEN SUD 1

Од „Меѓаши“ апелираат до Уставниот суд да ја преиспита Иницијативата и алармираат за  опасностите кои би можеле да настанат со можноста и педофили да бидат помилувани.

„Изненадени сме од ваквата одлука на Уставниот суд да расправа за овој Закон каде што децидно е пропишано дека помилување не може да се даде за кривични дела против половата слобода и половиот морал сторени спрема деца и малолетни лица, од Глава деветнаесетта од Кривичниот законик. Доколку се изгласа таквата одлука, во иднина би можеле да се помилуваат и педофилите, кои  во најголем број случаи го повторуваат делото. Тоа не треба да се дозволи. На тој начин и институциите би биле соучесници“, истакнуваат од „Меѓаши“.

Уставниот суд вчера поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување.

Во членот 1 од овој Закон се пропишува дека помилување не може да се даде на лица осудени за кривични дела против изборите и гласањето, од Глава шеснаесетта од Кривичниот законик; за кривични дела против половата слобода и половиот морал сторени спрема деца и малолетни лица, од Глава деветнаесетта од Кривичниот законик; за кривични дела против здравјето на луѓето, од Глава дваесет и прва; за кривично дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, од членoт 215 и за кривично дело овозможување на употреба на наркотични дроги од членoт 216 и за кривични дела против човечноста и меѓународното право, од Глава триесет и четврта од Кривичниот законик.

M.В