/ Прочитано:

1.182

„МЕЃАШИ“: Кампања за промоција на СОС-телефоните низ целиот свет под мотото „Правото да бидеш слушнат“

По повод 17 мај – Меѓународниот ден на СОС-линиите за помош и поддршка на децата во светот, Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, како полноправна членка на Child Helpline International (CHI) - која ги обединува СОС-сервисите за помош на деца од земји ширум целиот свет, ја информира јавноста дека оваа година кампањата за промоција на СОС-телефоните низ целиот свет се спроведува под мотото „Правото да бидеш слушнат“. По повод Меѓународниот ден на СОС-линиите за помош и поддршка на децата во светот, „Меѓаши“ утре ќе го презентира извештајот за работата на СОС- телефонот за деца и млади 0800 1 2222 (бесплатна линија) и бесплатната правна служба при Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ во периодот од ноември 2016 – мај 2017.

Целта на оваа симболична кампања е  да се зголемат видливоста и важноста на овие линии за помош и поддршка кои се од неопходно значење за децата, како и да се поттикнат влaдите во целиот свет да ги поддржат СОС-линиите за помош и поддршка. Затоа на 17 мај заедно го одбележуваме фактот што ниедно дете не е само.

„Постојат повеќе причини зошто децата се јавуваат на СОС-бесплатниот број 0800 12222. Децата претставуваат ранлива група во секое општество. Тие се инволвирани во семејните проблеми и зависни од постапките на возрасните, кои пак не секогаш свесно и правилно постапуваат со децата. И затоа линиите за помош на деца им ја даваат можноста на децата да добијат помош и да ги изразат своите проблеми. Функцијата на СОС-телефоните е од огромно значење и важност, бидејќи тие претставуваат значаен механизам на поврзување со децата, што овозможува гласот на секое момче и девојче да биде слушнат. Нивната мисија е да одговорат на детските потреби за грижа и заштита. Добро е да се знае дека од помошта/поддршката децата ги дели само еден телефонски повик. Свесни за значењето на социјалните мрежи, нивното влијание и достапност кај децата, Детската амбасада ‘Меѓаши’ ќе отвори посебна страница на социјалната мрежа ‘Фејсбук’, каде што децата, родителите, граѓаните ќе можат да се информираат за начините на заштита на децата, нивните права и да пријават случаи на злоупотреба или прекршување на правата на децата. На оваа страница дополнително ќе може да се обезбеди онлајн советување“, велат од „Меѓаши“.

СОС-телефонот за деца и млади 0800 1 22 22 постои 24 години и тоа е доказ за неговата константност, доследност и важност во насока на заштита на децата и нивните права. Но, овој телефон овие години не претставува место на кое се информираат само децата, ние добиваме дојави најчесто од возрасните кои се загрижени за состојбата со децата. За возрасните е еднакво важно што сакаат да се информираат за начините на заштита и превенција од занемарување и злоупотреба на децата.

Во текот на овие 24 години од работата на СОС-телефонот за деца и млади при Првата детска амбaсада во светот „Меѓаши“ потсетуваме дека се регистрирани 20.537 повици и дека сме посветиле 202.000 работни часови во помош и поддршка на децата. Повеќе од 200 волонтери и СОС-оператори се обучиле за работа со деца. Своето време и знаење ги посветиле во насока на заштита и грижа за децата.

„Добро е да знаат сите деца и возрасни (родители/старатели, баби, дедовци, соседи…) дека од помошта/поддршката, децата ги дели само еден телефонски повик. Функцијата на СОС- телефонот е од огромно значење и важност, бидејќи тој претставува значаен механизам на поврзување со децата. СОС-телефонот за деца и млади 0800 1 2222  овозможува гласот на секое момче и девојче да биде слушнат. Затоa сметаме дека е неопходно да потсетиме на важноста од хармонизација со европскиот број 116 111 и финансиска одржливост на СОС- телефонот за деца и млади.“

СОС-телефонот за деца и млади при Детската амбасада „Меѓаши“ е поддржан од Child Helpline International во напорите што ги прави за имплементирање на препораките од Комитетот за правата на детето при Обединетите нации кои Комитетот ги испрати до Владата на Република Македонија во јуни 2010 година.

Овие препораки јасно упатуваат дека СОС-телефонот за деца и млади при Детската амбасада „Меѓаши“ треба да биде хармонизиран со меѓународниот број 116 111, да се овозможи 24-часовна достапност од сите телефонски оператори и да се добие финансиска поддршка од државата, како и да се користи како извор на податоци при формирање на политиките и законите на правата на детето, кои секако се во најдобар интерес на децата.

M.В