/ Прочитано:

2.208

МЕЃУНАРОДЕН ДЕН НА ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА: Сите луѓе се раѓаат слободни и еднакви по правата и достоинството

Денеска на глобално ниво се одбележува Меѓународниот ден на човековите права. На 10 декември 1948 година, во Париз од страна на Генералното собрание на ОН е увоена Универзалната декларација за човековите права. Денес благодарение на овој историски документ се одбележува значењето на човековите права ширум светот.

„Сите луѓе се раѓаат слободни и еднакви по достоинството и правата.“

Декларацијата е создадена во периодот по Втората светска војна и означува прво глобално изразување на основните права на сите човечки суштества. Декларацијата се состои од 30 члена, кои се вклучени во подоцнежни меѓународни договори, регионални инструменти за човековите права, национални устави и закони, а во неа се вградени: Универзалната декларација за човекови права, Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права и Меѓународниот пакт за граѓански и политички права и неговите два факултативни протоколи.

Во 1966 година се донесени два детални пакта од Генералното собрание, кои ја комплетираат Меѓународната повелба за човекови права. Повелбата станува меѓународен закон, а денот на донесувањето на Декларацијата се воспоставува како ден со кој се одбележуваат човековите права на глобално ниво затоа што како што промулгира Декларацијата: „Сите луѓе се раѓаат слободни и еднакви по достоинството и правата.“

Постулатите на кои се заснова Универзалната декларација за човековите права укажуваат на фактот дека слободите и прaвата се дадени за сите, секаде во светот, во секое време и место. Пред изгласувањето на Декларацијата, Елеонор Рузвелт, која раководеше со Комисијата одговорна за пишувањето на Декларацијата, изјави:

„На прагот сме на голем настан и за Обединетите нации и за човештвото. Оваа Универзална декларација може да стане меѓународна магна карта за сите луѓе во светот.“

По повод Меѓународниот ден на човековите права на Правниот факултет „Јустинијан Први” ќе се одржи Свечена академија. Денешниот ден  се одбележува и како Ден на Факултетот. На Свечената академија ќе се обратат ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски, деканот на Правниот факултет „Јустинијан Први” – Скопје, проф. д-р Горан Коевски, и проф. д-р Боби Илиев од Универзитетот Кентаки, САД,  кој ќе зборува на тема „Лажни вести”. Во оваа пригода ќе биде промовиран и Годишникот на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје во чест на проф. д-р Миодраг Мицајков.