МЕЃУНАРОДНА КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА СЛЕДЕЊЕТО НА КОМУНИКАЦИИТЕ: Потребни се измени на Законот за следење на комуникациите и доследно почитување на човековите права
„Следење на комуникациите – законска рамка и искуства, улогата на јавниот обвинител“ е темата на денешната меѓународна конференција во организација на Јавното обвинителство на Република Македонија.
На почетокот на меѓународната конференција беше нагласено дека денешниот настан ќе биде место на кое високите претставници на регионалните јавни обвинителства и правосудства ќе можат да ги разменат своите мислења и искуства во врска со законските решенија и практики за следењето на комуникациите.
Во таа насока, на меѓународната конференција „Следење на комуникациите – законска рамка и искуства, улогата на јавниот обвинител“ говорат државните јавни обвинители на Бугарија, Србија, Хрватска, Албанија, БиХ, Словенија, Турција, Руската Федерација и Косово.
„Оваа конференција е мошне значајна бидејќи претставува собир на кој ќе може да се елаборира прашањето за следење на комуникациите низ регионална и меѓународна призма и како јавниот обвинител да обезбеди најдобра примена на казнената постапка во таа насока“, беше истакнато на конференцијата.
Во своето воведно обраќање, претседателот на Врховниот суд на РМ, Јово Вангеловски, оцени дека денешниот меѓународен настан е многу значаен и во таа смисла, ова ќе биде поттик за подобра комуникација на јавните обвинителства со судовите. Вангеловски посочи дека следењето на комуникациите е суштествено од аспект на борбата со меѓународниот криминал и корупција и затоа е позитивно што ќе се презентираат регионалните искуства во тој контекст.
„Меѓународниот криминал и корупција претставуваат најголемо зло на денешницата кое особено зема замав во последниве десетина години. За успешно справување со меѓународниот криминал и корупција, неопходна е заемна акција“, нагласи Вангеловски, додавајќи дека Република Македонија ги следи трендовите во таа борба, за што се направени и законски измени и интервенции во материјалното и процесното кривично законодавство и во, како што подвлече, организацијата на главните учесници на постапката.
Нагласувајќи дека со законските измени Јавното обвинителство добива проактивна улога во постапката и дека ПИМ-мерките се целосно усогласени со меѓународните стандарди, Вангеловски посочи дека во Законот за следење на комуникациите е определено дека Врховниот суд, врз основа на поднесено барање на ЈО, може да нареди следење на комуникациите кога постојат основи на сомневање дека се подготвува извршување кривично дело против државата, против вооружените сили или против човечноста и меѓународното право.
„Судот може да нареди следење на комуникациите и кога се подготвува, поттикнува, организира или учествува во оружен напад против Република Македонија или во онеспособување на нејзиниот безбедносен систем да ги врши своите функции, кога на друг начин не можат да се обезбедат податоци за таквата активност или нивното обезбедување би било сврзано со поголеми тешкотии за да се спречи извршувањето на кривичното дело, оружениот напад или онеспособувањето на безбедносниот систем“, образложи претседателот на Врховниот суд, елаборирајќи го прашањето за постапката за следење на комуникациите заради заштита на интересите на безбедноста и одбраната на земјата.
Правната рамка е битен сегмент, нагласи Вангеловски, но практичниот сегмент и соработката на државните органи имаат пресудно значење. Во таа насока, претседателот на Врховниот суд потенцираше дека и меѓународната конференција ќе даде сериозен придонес во однос на прашањето како да се применуваат законските решенија и што е потребно да се стори за нивно подобрување.
Оттука, истакна Вангеловски, би сакал да го цитирам правниот филозоф Монтескје кој велел: „Кога ќе отидам во некоја земја, јас не прашувам дали има добри закони, туку прашувам дали тие закони се применуваат затоа што добри закони има секаде“ .
Јавниот обвинител Марко Зврлевски во своето излагање истакна дека присуството на главните обвинители од соседството и регионот укажува на значајноста на конференцијата и на прашањето за кое се дискутира.
„Следењето на комуникациите, како начин на обезбедување на доказите, претставува сериозен предизвик со кој ние како јавни обвинители сме соочени и затоа ваков вид средба на која се присутни главните јавни обвинители од регионот ќе даде извонреден придонес за ова прашање“, истакна Зврлевски.
За јавниот обвинител Зврлевски, размената на искуства за следење на комуникациите има клучно значење како во поглед на законската рамка, така и во поглед на практичната примена на прописите и улогата на јавниот обвинител во однос на следењето на комуникациите.
Со Законот за следење на комуникациите, појасни Зврлевски, се уредуваат постапката за следење и снимање на телефонските и другите електронски комуникации, начинот на постапување, чување и користење на податоците и доказите прибавени со следење на комуникациите и контролата на законитоста на следењето на комуникациите.
„Процесот на следење на комуникациите е регулиран со Законот за кривичната постапка и со Законот за следење на комуникациите. Со новиот ЗКП инквизицискиот систем и модел се смени со акузаторен систем и модел, со што Јавното обвинителство се стекна со нови овластувања и должности. Делот на зголемени овластувања беше проширен и во однос на ПИМ-мерките. Но, треба да се укаже дека ваквото законско решение помалку или повеќе останува на хартија“, посочи Зврлевски.
Имено, како што образложи јавниот обвинител, барање за донесување наредба за следење на комуникациите до надлежниот судија поднесува надлежниот јавен обвинител по сопствена иницијатива или на предлог на полицискиот службеник на министерството за внатрешни работи, односно припадникот на Управата за финансиска полиција, односно со закон овластеното лице на Царинската управа кое го води случајот.
Сепак, додаде Зврлевски, следењето на комуникациите останува во рацете на МВР, бидејќи тие ја поседуваат опремата. Од тие причини, нагласи јавниот обвинител, потребно е целокупниот систем да се реконструира, за што ќе бидат подготвени и донесени законски измени во кои ќе се нагласи контролната улога на обвинителството. Потребно е, прецизираше Зврлевски, да се донесе нов Закон за следење на комуникациите.
Јавниот обвинител говореше и дека на глобално ниво прашањето за следење на комуникациите отвора широка дебата и интерес бидејќи можностите на технологијата забрзано растат. Сите сме сведоци, посочи Зврлевски, на злоупотреба и незаконско користење на следењето на комуникациите, најчесто во политички цели. Во однос на Македонија и настанувањето на политичката криза која произлезе од незаконското следење на комуникациите, Зврлевски рече дека во Македонија не е прв пат да има ваков скандал и уште еднаш ја потврди неопходноста од законски измени во врска со следењето на комуникациите и воведување заштитни механизми, за да се спречи незаконитото следење на комуникациите.
Јавниот обвинител Марко Зврлевски во своето обраќање нагласи и дека прашањето за улогата на јавниот обвинител од меѓународен аспект е сѐ поизразена во контекст на постапките за следење на комуникациите.
„Ова прашање е важно бидејќи директно задира во човековите слободи и права и во таа смисла, во член 8 од Европската конвенција за заштита на човековите права“, рече Зврлевски. Во член 8 од Европската конвенција, кој се однесува на право на почитување на приватниот и семејниот живот, се пропишува дека секој човек има право на почитување на неговиот приватен и семеен живот, домот и преписката.
„Јавната власт не смее да се меша во остварувањето на ова право, освен ако тоа мешање е предвидено со закон и ако претставува мерка која е во интерес на државната и јавната безбедност, економската благосостојба на земјата, заштитата на поредокот и спречувањето кривични дела, заштитата на здравјето и моралот, или заштитата на правата и слободите на другите, во едно демократско општество“, се вели во член 8 од Европската конвенција за заштита на човековите права.
М.В