/ Прочитано:

1.233

МЕЃУНАРОДНА КОНФЕРЕНЦИЈА: Законската регулатива за стечајот и ликвидацијата има пропусти, треба да се измени и модернизира

Во рамки на ЕУ-проектот за јакнење на административните капацитети за имплементација на правната рамка за стечај и ликвидација на компаниите (СЦБЛ), денеска и утре во Скопје се одржува конференција за стечај и ликвидација. Проектот го имплементира Министерството за економија со 1,3 милиони евра поддршка од ЕУ, а целта е јакнење на бизнис опкружувањето во Македонија и овозможување на земјата да биде поатрактивна бизнис дестинација.

На денешниот настан, на кој учествуваат експерти од регионот и земјава,  поздравни обраќања на конференцијата ќе имаат: министерот за економија Крешник Бектеши, евроамбасадорот Самуел Жбогар и тим-лидерот на проектот Красин Димитров.

„Пристапот на Европската Унија, во согласност со новите трендови, се фокусира на реструктурирање на компаниите наместо на нивно ликвидирање со што, практично, им се дава втора шанса“, беше нагласено на конференцијата на која беше истакнато и дека за целосно имплементирање на овие трендови потребна е и размена на искуства.

На минатото советување во врска со јакнење на административните капацитети за имплементација на правната рамка за стечај и ликвидација на компаниите беше потенцирано дека за превентивно реструктурирање на фирмите, земјите членки на ЕУ веќе носат нови законски решенија и врз нивна основа подготвуваат модели на планови за реорганизација.

Раното предупредување, санацијата, реструктурирањето треба да претставуваат можности за превентивно дејствување и спас од инсолвентноста на трговските друштва. Наместо стигматизирање на стечајот, се очекува создавање легислатива чиј резултат ќе биде подобрување на државното опкружување, зачувување на работните места и паралелно побрзо излегување од пазарот на оние што со своето дејствување доведуваат во опасност и неликвидност бројни други компании.

„Судиите подобро да ја совладаат материјата за стечајната постапка, а фирмите да се реорганизираат наместо да одат во стечај“, е еден од заклучоците од настаните организирани како дел од проектот.

На денешниот настан, исто така, беше потенцирано дека потребно е да се применат  најдобрите практики од Европската Унија и регионот за минимизирање на негативните последици за  излез на компаниите од пазарот што, всушност, е  целта на  оваа прва меѓународна конференција за стечај и ликвидација.

„Уверен сум дека од овие активности придобивки ќе имаат бизнис секторот и целото стопанство. Ќе формираме посебна работна група за разгледување на препораките од проектот, како и од бизнисот за подобрување на законската рамка за стечај. Во неа ќе учествуваат и институции кои ја имплементираат законската рамка и од нив ќе се очекуваат предлози за законски решенија кои ќе доведат до поефективно и поефикасно спроведување на стечајната постапка. Се предлага и развој на сегашната регулатива за вонсудско спогодување како една од формите  за превенција на стечај и рано решавање на финансиските проблеми на трговските друштва. Потребно е вонсудското спогодување во поголем степен да се интегрира во законската рамка за стечај и тоа во случаите на реорганизација или ликвидација. Оваа измена се очекува да има позитивно влијание врз целокупната законска постапка што ќе се одгледа во поедноставување и намалување на времетраењето на постапките“, истакна министерот за економија Крешник Бектеши.

Бектеши истакна и дека и во иднина потребно е да продолжи поддршката од ЕУ за модернизација на правната рамка за инсолвентност со нов пристап и фокус кон реструктурирањето на фирмите наместо нивна ликвидација. Македонија, рече министерот за економија, не смее да заостанува зад земјите од ЕУ и во таа насока ќе настојуваме Македонија да ги следи и овие, но и европските насоки за зголемување на свеста за значењето на раното предупредување и навременото започнување на реструктурирањето за надминување на инсолвентноста и спасување на работните места, за зачувување на вредноста на имотот, а со тоа и на иднината на компаниите.

Тенденција е, образложи амбасадорот на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар,  да се модернизира правната рамка за излез од пазарот, со цел да се зголеми закрепнувањето на компаниите. Ако навремено се почне со реструктурирање на компанијата, подвлече Жбогар, повисоки се шансите тоа да биде успешно и доверителите да имаат поголем поврат на средствата.

„На тој начин, им се дава шанса и на вработените и на сопствениците да бидат спасени и да дадат позитивен придонес во економијата. Треба да се има предвид дека влезот и излезот од пазарот се наоѓаат во срцето на економскиот живот и се основни за соодветно функционирање на пазарите. Ако недостатоците за влез и излез на пазарот се комплексни и ако институциите се неефективни, тогаш дури и најдобрите правилници нема да помогнат“, истакна Жбогар, потсетувајќи дека во Европската Унија секојдневно банкротираат над 600 компании. Излезот од пазарот, рече Жбогар, има негативни последици врз економијата и општеството и предизвикува загуба на работни места и знаења.

„Извештајот за напредокот на Македонија го препозна подобрувањето во основање компании, но сè уште под прашање е излезот од пазарите. Мерките што ги претстави неодамна Владата за економски раст предвидуваат и помош за реструктурирање компании  наместо нивна ликвидација. Тоа е во согласност со помошта која ЕУ ѝ ја даде на земјава и ни дава доверба дека ќе имаме вистински реформи за раст и зачувување на работните места“, посочи евроамбасадорот Самуел Жбогар.

Со денешната конференција се заокружуваат проектните активности реализирани во изминатите 17 месеци со кои се направи  анализа на пропустите во законската регулатива во Македонија, во споредба со европското законодавство во доменот на стечај и ликвидација  и беа направени бројни обуки и тркалезни маси на кои присуствуваа околу 500 претставници од релевантните институции.

Заклучоците од конференцијата, образложуваат од Министерството за економија, ќе бидат имплементирани во дневниот ред на работната група што ќе ја формира Министерството за економија за измена и подобрување на законската рамка за стечај.

M.В