/ Прочитано:

3.380

МЕЃУНАРОДНА СУДСКА РАБОТИЛНИЦА ВО ОХРИД: „Судиите да ја вратат смислата за креирање право и примена на меѓународните стандарди и правила“

Денеска во Охрид започна дводневната меѓународна судска работилница насловена „ЗАЈАКНУВАЊЕ НА СУДСКАТА НЕЗАВИСНОСТ И ТРАНСПАРЕНТНОСТ ПРЕКУ РЕВИЗИЈА НА СУДСКАТА ОДГОВОРНОСТ“.

Врз основа на Охридската декларација за воспоставување на регионална мрежа за независно правосудство во 2016 година, која промовираше заеднички ангажман и регионални напори за воспоставување и развој на независно, непристрасно, ефективно и ефикасно судство врз основа на принципите Бангалор 2001 и Изјавата Бриони од 2015 година, Здружението на судиите на Република Македонија во соработка со Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Република Македонија и CEELI институтот од Прага, Чешка Република ја иницираат оваа меѓународна судска работилница за да се овозможи дијалог со судиите во регионот и пошироко.

ОХРИДСКАТА ДЕКЛАРАЦИЈА ЗА ВОСПОСТАВУВАЊЕ НА РЕГИОНАЛНА МРЕЖА ЗА НЕЗАВИСНО СУДСТВО

 Претставниците на здруженијата на судии на земјите учеснички изразија волја за регионално вмрежување кое ќе има за цел да работи на унапредување на стандардите за независно судство согласно Мислењето бр. 3 на Консултативниот совет на Европските судии. Како членка на регионалната мрежа може да пристапи секое здружение на судии кое се стреми да ги почитува Бенгалорските принципи од 2001 година и Брионската изјава од 2015 година. Со оваа декларација се создава можност за градење на платформа за заедничко дејствување на членките пред сите меѓународни, регионални и национални тела и институции, која ќе почне да се реализира со потпишување на меморандум за соработка. Охрид, 29.10.2016 година.“

Целта на оваа работилница е да се зајакнат капацитетите и соработката помеѓу здруженијата на судии, Европскатa мрежа на судски совети и другите релевантни партнери и да се воспостават стандарди за зајакнување на независноста на судството преку ревидирање и преиспитување на одредбите на сите видови одговорност на судиите – субјект на кривична, граѓанска или дисциплинска одговорност.

„Независно судство, владеење на правото и правна држава се поими кои ги карактеризираат етаблираните правни системи. Овие поими се општоприфатени категории и претставуваат практични мерила за заштита на основните човекови слободи и права. За независно судство, потребни се нормативни, институционални и практични гаранции, при што нормативните гаранции се само рамка, односно општ предуслов, кој е должен да го обезбеди државата. Рамковната нормираност и институционалната сигурност се основни предуслови за градење на судски интегритет и ефикасно справување со притисоците од каков било вид и интензитет.

Изборот, мандатот, постапката за евалуација и унапредување, дисциплинската одговорност, транспарентноста на постапките и правото на реална жалба се само дел од гаранциите кои треба да обезбедат независно и самостојно судство“; истакна во своето обраќање претседателот на Здружението на судии, д-р Џемали Саити.

Министерот за правда, Билен Саљији, во своето излагање истакна дека зголемувањето на независноста и ефикасноста на судскиот систем и подигањето на довербата на граѓаните во институциите на правосудството се главните приоритети на ресорното Министерство за правда во наредниот период.

„Првата работа на која Министерството за правда силно се посвети беше подготовка на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор, работа која бараше од нас многу стручност, слух за секој чинител од правосудството, но и за интересите на нашите граѓани. Целите кои ги утврдивме во рамките на овој стратешки документ се јасни: независност на судството, одговорност за работата, квалитет, ефикасност и транспарентност. Министерството останува отворено за соработка со Здружението на судии, изразувајќи уверување дека партнерскиот однос со судските експерти ќе продолжи и во иднина, особено во периодот на имплементација на мерките утврдени со Стратегијата за реформа на правосудниот сектор“, истакна Саљији.

Дејвид Стивенсон, шеф на политичко-економската канцеларија при Амбасадата на САД во РМ, во своето излагање истакна дека ниту претседателите, ниту премиерите не смеат да се мешаат во судската независност, бидејќи судиите се тие што дејствуваат како контрола на политичката власт.

„Нивната улога е да ја ограничат моќта на политичарите, а не обратно. Судиите треба да се противат и на надворешните влијанија, од другите судии, пријатели, роднини, медиуми и јавноста. Моќта не прави никакви отстапки без тоа да се побара од неа, а на судиите останува да инсистираат и да се борат за тоа нивно право на независно судство“, рече Стивенсон според кого дисциплинските одлуки на Судскиот совет мора да бидат конзистентни, транспарентни и добро образложени и да им обезбедат на судиите право на жалба и на правично судење. Тој ги охрабри судиите дека не треба да стравуваат од одговорност поради следење на законот.

За судијата и професор Лазар Нанев, најголем дел од одговорноста за негативниот став на јавноста кон работата на судството е кај највисоките судски тела во системот како Судскиот совет, апелациските судови, Врховниот суд, предизвикан од одредени нивни одлуки.

„Нивното однесување како тела што треба да ја гарантираат судската независност директно влијае врз понатамошното постапување и носењето конечни одлуки кај пониските инстанци. Тоа се рефлектира со недоверба кон целокупниот судски систем. Судиите мора да ја согледаат реалноста. Најголемиот дел од нив ја имаат изгубено смислата за креирање право, креативност, ја изгубија смислата во делот на примената на меѓународните стандарди и правила. Мора да се согледа вистинската состојба и само владеењето на правото може да ја врати Република Македонија на вистинскиот пат“, нагласи Нанев.

Според судијата Андреј Димовски од Основниот суд 2 во Скопје, реизборот на судии не е добро решение и впрочем е и неизводливо според постојната легислатива. Надминувањето на проблемите во судството, рече судијата, треба да се бара преку принцип на саморегулација на работата на судските органи, за што е потребна законска основа. Димовски  посочи дека реалност е и дека постои проблематично, недозволиво и незаконито однесување на дел од судиите, но тоа мора да се индивидуализира.

М.В