/ Прочитано:

1.930

Меѓународен ден на лицата со попреченост

Започнувајќи од 1992 година, на 3 декември се одбележува Меѓународниот ден на лицата со попреченост со цел подигнување на свеста за правата на овие лица. Се смета дека 15 проценти од светската популација, или повеќе од 1 милијарда луѓе во светот живеат со попреченост што налага неминовна потреба од поголем фокус на сите чинители кон промени на перспективите на попреченоста и примена на соодветен пристап низ призмата на човековите права.

„Меѓународниот ден на лицата со попреченост е можност повторно да се реафирмираат заложбите да се изгради одржлива, инклузивна и праведна иднина за сите“, нагласија денеска Обединетите нации.

Од Хелсиншкиот комитет истакнуваат дека попреченоста е дел од секојдневието, имајќи предвид дека секој човек во некој период од својот живот ќе се најде во ситуација на времена или трајна состојба на попрееност. И ден денес ние сѐ уште сведочиме за дискриминација на лицата со попреченост во сите сфери на секојдневниот живот.

И покрај донесените закони, и покрај заложбите за креирање на инклузивно општество за сите, сè уште значителен дел од лицата со попреченост, но и нивните родители и други лица кои се грижат за нив се соочуваат со неразбирање од страна на своите соседи, со непристапна инфраструктура, со дискриминација во образовниот систем  и на пазарот на труд и со многу затворени врати на институциите.

„Преку сеопфатни политики и мултинституционален пристап градиме инклузивно општество во кое лицата со попреченост ќе имаа еднаков пристап за напредок и развој. Создаваме услови за нивна целосна инклузија во областа на образованието, здравството, локалните услуги“ истакна денеска министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.

„На овогодишниот Меѓународен ден на лицата со попреченост мораме да се прашаме што може општеството да стори за да обезбеди сите деца,без оглед на нивните способности, да имаат еднакви појдовни основи за постигнување на своите целосни потенцијали, порача претставничката на УНИЦЕФ Патриција Ди Џовани по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост.

„Овој 3 Декември, испраќаме силна порака дека сите ние, лично и институционално, треба да се бориме против стереотипите дека попреченоста е бариера за поединецот да поставува лични цели, да се стреми кон нивно остварување и да дава придонес кон развојот на државата, истакна министерката за образование и наука Мила Царовска во обраќањето по повод Меѓународниот ден на лицата со попрееност.

М.В