/ Прочитано:

1.892

Меѓународен ден на лицата со попреченост: Потребни се повеќе заложби и мерки  за нивна интеграција

Денеска се одбележува Меѓународниот ден на лицата со попреченост. Секој поединец е посебен на свој начин и секој заслужува еднаква шанса и можност за остварување на своите права, беше истакнато на денешниот настан по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост, кој се одржа во Владата на РМ.  Исто така, по повод Меѓународниот ден, со соопштение излезе и Хелсиншкиот комитет, од каде што велат дека лицата со попреченост остануваат попречени од целосно учество во општествениот живот.

„Се залагаме и работиме на создавање општество еднакво за сите. Како држава, на 30 март 2007 година ја потпишавме, а на 5 декември 2011 година ја ратификувавме Конвенцијата за правата на лицата со попреченост. Конвенцијата претставува прв меѓународноправен и обврзувачки инструмент, преку којшто се утврдуваат минимум стандарди за правата на лицата со попреченост“, истакна денеска премиерот Заев.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, истакна дека ѝ е особено драго што денеска, на Меѓународниот ден на лицата со попреченост, веќе нема деца од 0 до 18 години во Демир Капија. Последната група деца замина од Заводот и е сместена во мал групен дом во Скопје.

„Сметам дека овој ден е многу важен во пребројувањето на она што сме го направиле досега. Она што можам да го кажам е тоа дека, на барање на родителите, од 2019 година со новиот Закон за социјална заштита правото за попреченост се проширува и за лицата со интелектуална попреченост. Додатокот за надоместок за плата за скратено работно време за родител кој чува дете со попреченост се зголемува на 50% од просечна нето-плата. Воедно се воведува таканаречен траен надоместок за родител кој се грижел за детето со попреченост до неговата 26-годишна возраст коешто не било сместено во институција. Овој надоместок ќе може да го користи секој родител којшто не работи по наполнување на 62 години за жена, односно 64 години за маж“, вели министерката Мила Царовска.

По повод уште едно одбележување на Меѓународниот ден на лицата со попреченост, 3 декември, Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија ги нагласува позитивните, но и негативните случувања поврзани со состојбата на лицата со попреченост во изминатава година.

Процесот на деинституционализација во 2018 го имаше својот најголем развој, почнувајќи од изготвувањето, а потоа и со усвојувањето на новата Национална стратегија за деинституционализација 2018 – 2027 „Тимјаник” и нејзиниот Акциски план, со кои институционалното живеење конечно ќе започне да доживува трансформација кон социјални сервиси во локалната заедница. Со ова започна постепеното напуштање на институционалното живеење и префрлување на дел од штитениците во мали групни домови и згрижувачки семејства. Хелсиншкиот комитет го поддржуваше и ќе го поддржува овој процес и во иднина како најдобар и најхуман модел.

Во поглед на пристапноста, иако беа преземени чекори кон зголемување на пристапноста во Градот Скопје, за жал, лицата со попреченост не доживеаја големи промени во останатите делови од државата. Ниската свест и незалагањето за овој основен проблем е евидентна во сите општини низ Македонија. Со непреземање на конкретни мерки за овозможување пристапност, општините го попречуваат секојдневното движење и живеење на оваа група луѓе. Непристапни остануваат дел од државните институции, училиштата, банките, културните објекти, улиците.

Лицата со попреченост остануваат да живеат во општество исполнето со бариери, на чие отстранување мора поактивно да се работи. Упатуваме апел за поголема заложба кон преземање на конкретни мерки со кои ќе се зголеми и ќе се подобри интеграцијата на лицата со попреченост во сите аспекти на политичкиот, социјалниот, економскиот и културниот живот.

М.В