Меѓународен ден на осигурувањето: Осигурителниот пазар во Македонија бележи пораст
Според анализата за состојбата на пазарот на осигурување во Република Македонија за првиот квартал од 2017 година, направена од страна на Агенцијата за супервизија на осигурувањето, на пазарот на осигурување во Република Македонија работат 15 друштва за осигурување (11 неживотно осигурување и 4 осигурување на живот). Податоците покажуваат дека е остварена бруто-полисирана премија (БПП) во вкупен износ од 2,24 милијарди денари, што претставува раст од 4,68% во однос на БПП остварена во истиот период во 2016 година кога изнесувала 2,14 милијарди денари. Во делот на неживотното осигурување, БПП исто така бележи пораст во однос на првиот квартал од изминатата година и изнесува 1,96 милијарди денари. Пораст од 14,88 отсто е утврден и во делот на осигурувањето на живот, каде што во првите три месеци од 2017 година е остварен БПП во износ од 276,1 милиони денари.
Осигурувањето претставува управување со ризик, првенствено насочен кон намалување на финансиските загуби. Осигурувањето е пренос на ризикот од осигуреникот врз осигурително друштво, со плаќање на премија за осигурување. Ова е само уште едно потсетување за значењето на осигурувањето по повод одбележувањето на 1 ноември, Меѓународниот ден на осигурувањето.
Според анализата за состојбата на пазарот на осигурување во Република Македонија за првиот квартал од 2017 година, направена од страна на Агенцијата за супервизија на осигурувањето, на пазарот на осигурување во Република Македонија работат 15 друштва за осигурување (11 неживотно осигурување и 4 осигурување на живот). Извештајот покажува дека бројот на осигурителни брокерски друштва, друштва за застапување и банки и во почетокот на годинава останува непроменет, односно осигурителни брокерски работи вршат 33 осигурителни брокерски друштва, работи на застапување во осигурување вршат 14 друштва за застапување, како и 3 банки.
„Во првиот квартал од 2017 година е остварена бруто-полисирана премија (БПП) во вкупен износ од 2,24 милијарди денари, што претставува раст од 4,68% во однос на БПП остварена во истиот период во 2016 година кога изнесувала 2,14 милијарди денари. Во делот на неживотното осигурување, БПП исто така бележи пораст во однос на првиот квартал од изминатата година и изнесува 1,96 милијарди денари. Пораст од 14,88 отсто е утврден и во делот на осигурувањето на живот, каде што во првите три месеци од 2017 година е остварен БПП во износ од 276,1 милиони денари“, покажува анализата на Агенцијата за супервизија на осигурувањето.
Податоците покажуваат дека осигурувањето на живот започна да оди во нагорна линија 2016 година. Инаку, овој вид животно осигурување за првпат се појави кон крајот на 2015 година, кога беа склучени 325 договори со вкупна премија од полиси во износ од 7,71 милион денари. Во 2016 година беа склучени 1.466 договори со бруто-премија од полиси во износ од 57,46 милиони денари. Овој тип осигурување претставува еден вид долгорочно штедење, каде што парите на осигуреникот се инвестираат во разни хартии од вредност, но ризикот останува на товар на осигуреникот.
Во својот извештај, АСО нагласува дека во вкупната остварена БПП најзначајно учество има осигурувањето на моторните возила со 45,82% при што осигурувањето од автомобилска одговорност учествува со 37,22%. Потоа следува осигурувањето на имот од пожар, природни непогоди, кражби и други ризици со 23,91% и осигурувањето од последици на несреќен случај (незгода) со учество од 9,89%.
Инаку, според последните податоци, осигурителните компании склучиле 381.949 договори за туристичка помош каде што спаѓаат и патничките осигурувања. Најголем број, како што наведуваат од осигурителните компании, се склучуваат во летната сезона. Податоците на Агенцијата за супервизија на осигурувањето на Република Македонија покажуваат дека од година во година има раст на склучените договори, така што во претходната година биле склучени 364.092 договори за туристичка помош. Вкупно полисираната премија изнесувала 178.514.000 денари, исплатените штети 49.401.000 денари, а бројот на ликвидирани штети во текот на 2016 година изнесува 3020, покажуваат објавените податоци од осигурителните компании.
Зголемената побарувачка за патничкото осигурување, како што посочуваат од осигурителните компании, се должи на поголема свест кај граѓаните за неговата важност.
Со полисата, зависно од избраниот пакет, се покриени трошоци за лекување од незгода и акутна болест при болничко и вонболничко лекување, операции како и трошоци за операции, стоматолошки третман, враќање посмртни останки, репатријација по завршено лекување, репатријација од странска земја или од болница во земјата на живеење, итна достава на лекови, сместување со болно дете на ден, посета на болно дете, осигурување од последици на несреќен случај, задоцнето пристигање багаж, губење од 12 и повеќе од 24 часа, кражба или уништување багаж, повраток на деца без старател и замена на откажан состанок.
Компаниите дизајнираат најразлични пакети кои покриваат најразлични палети ризици во согласност со потребите на клиентите.
Целиот систем на осигурување во Македонија правно е базиран врз Законот за супервизија на осигурувањето, како и други поединечни закони, подзаконски акти и имплементација на легислативата на ЕУ од областа на осигурувањето.
Главна регулаторна државна институција која го контролира целокупниот пазар на осигурување во Македонија е Агенцијата за супервизија на осигурувањето, која е основана како независно регулативно тело со надлежности и овластувања да се грижи за законско и ефикасно функционирање на пазарот на осигурување, со цел заштита на правата на осигурениците и корисниците на осигурителните услуги.
А. Б.