Меѓународен денот на трудот: Работниците бараат социјална сигурност, повисоки плати и нови закони
Денеска на глобално ниво се одбележува Меѓународниот ден на трудот во чест на борбата на работниците за унапредување на нивните права. Денот на трудот се празнува и како знак на почит кон жртвите од штрајкот што се одржал од 1 до 4 мај 1886 во Чикаго кога демонстрантите барале унапредување на нивните права. Денес Меѓународниот ден на трудот е државен празник во повеќе земји во светот.
По повод Меѓународниот ден на трудот од Меѓународната организација на трудот нагласуваат дека клучот за заедничкиот просперитет е во солидарноста. Со заеднички напори и со солидарност, може да се обезбеди правда и еднаквост за сите. Никој не е сигурен, истакнуваат од МОТ, додека сите не се сигурни.
„Го одбележуваме Меѓународниот ден на трудот, 1-ви Мај во услови на здравствената криза, предизвикана од коронавирусот КОВИД-19, која започна минатата година и претставува најзначајно обележје и сериозен предизвик и за оваа 2021 година“, велат од Сојузот на синдикати на Македонија.
Работничкиот празник го одбележуваме загрижени за своето и здравјето на нашите семејства, за голем број од нас во услови на намалени плати, откази на договорите за вработување и грижа за нашата елементарна егзистенција. Како и изминатата, така и оваа 2021 година, празникот го започнуваме со јасен став кој гласно го изразуваме и во оваа прилика, дека нема да дозволиме кризата да се насочи само кон работниците и нивните семејства.
„Безусловно бараме да се признае дека општеството зависи од трудот и работата на работниците, дека тие се рамноправен и значаен дел од заедницата без кои не може да се обезбеди нејзиниот опстанок и развој.
Кризата само ја забрза потребата да се обезбедат приоритетите на работниците во државата, а ние синдикатите здружени во ССМ, бараме на работниците да им се гарантира пристојна работа и место во општеството кое го заслужуваат со својот труд.
Чествувањето на историски најзначајниот ден за светското работничко и синдикално движење, ССМ како репрезентативен синдикат, го започнува со сериозен апел за потребата од солидарност и заедништво во справувањето со здравстевната криза и последиците од истата на економски и општествен план. Од почетокот на кризата слоганот за солидарност и заедништво беше општо прифатен од сите држави во светот, но во пракса се покажа спротивното. Синдикатите од целиот свет се обединети околу прашањето за потребата од солидарност, заедништво и сплотеност за создавање на еднакви услови, претпоставки и можности за надминување на здравствената криза за сите држави во светот, без оглед на нивната моќ и големина.
Одбележувајќи го денот на трудот, ССМ укажува и повикува на засилени активности на национално ниво за справување со здравствените, економските, општествените, социјалните, еколошките и други предизвици.
Со започнување на кризата, социјалниот дијалог во земјата ги даде резултатите за стабилизација на состојбата и се воспоставија правила и мерки за помош на работниците и грѓаните, но и на компаниите, со цел никој да не остане без работно место и без обезбедена егзистенцијална основа.
Од тогаш помина цела година и ССМ смета дека веќе е потребно да се направат и поинтензивни чекори за побрз развој и унапредување на економската основа во државата.
ССМ очекува Владата, покрај активности за управување со кризата и стабилизирање на стопанството, да почне да ги исполнува ветувањата содржани во нејзината програма која беше основа за добивање на владиниот мандат.
Испорачајте го ветеното од Вашата програма, со поенергични мерки кои ќе бидат видливи за граѓаните, кои ќе бидат развојни за економијата и општеството. Тоа од Вас го очекуваат работниците и граѓаните.
ССМ е спремен во име на работниците кои ги претставува, да биде дел од одлуките донесени по пат на социјален дијалог, но само доколку се работи за одлуки кои обезбедуваат развој, перспектива и напредок.
Потребни се похрабри, поинтензивни и побрзи реакции за надминување на проблемите и за креирање на нови визии и перспективи.
Ја повикуваме Владата на поголема продуктивност и решителност во делувањето.
На пратениците и на парламентот им укажуваме дека не сакаме да бидеме дел од бавни процеси, кои едвај обезбедуваат одржување на стопанството и општествените текови, време е здравствената криза поенергично, плански и обмислено да се стави под контрола и да се креираат развојни политики и мерки кои ќе обезбедат подобар живот, стабилно и сигурно општество за сите работници и граѓани без дискриминација.
Укажуваме дека членството на ССМ, како и членството на другите синдикати во државата се здружени со иста цел
-економски развој одржливи работни места
-реална плата,
-намалување на сиромаштијата
-права од работен однос
-социјална сигурност,
-здрави и безбедни работни услови социјален дијалог и колективни договори
-општествена одговорност и
-заштита на животната средина
Во оваа прилика, уште еднаш, обраќајќи се до Владата истакнуваме дека бараме
подобар здравствен систем и здравствени услуги достојни за граѓаните
донесување на нов ЗРО според европски стандарди
повеќе работни места и здрави и безбедни услови за работа
зголемување на минимална плата
повисоки плати,
подобар животен стандард
социјална сигурност
стабилен пензиски систем и пензионирање по повеќе основи
Спремни сме да преговараме, квалификувани сме да нудиме решенија, очекуваме да бидеме интегрирани во процесите за развој на државата и остварување на човековите права и слободи.
Бараме побрза реакција од надлежните институции за креативен развој, кој ќе обезбеди напредок на сите сфери од економскиот и општествениот живот, што ќе биде основа за задржување на нашата младина, стручните и образованите граѓани во државата, со цел тие да бидат перспективата на нашата држава, нејзини креатори и градители.
Ги повикуваме сите работници кои ги препознаат нашите вредности и заложби да се приклучат во семејството на ССМ, семејство на рамноправни членови, работници и граѓани, кои не сакаат само да критикуваат туку сакаат дирекно да се вклучат со сиот свој капацитет и потенцијал, во креирањето и градењето на државата“, велат од Сојузот на синдикати на Македонија.
„Во духот на Меѓународниот ден на трудот, сакам да ги поздравам работниците и да им порачам дека и во услови на сериозна здравствена и економска криза, зачувувањето на секое работно место, заштитата и унапредувањето на правата на работниците, како и нивната безбедност и здравје при работа беа и се наши врвни приоритети. Заедно со претставниците на работниците и работодавачите, Министерството за труд и социјална политика, интензивно работи и на новиот системски Закон за работни односи, за кој ќе биде отворена широка општествена дебата“, истакнува министерката за труд и социјална плитика, Јагода Шахпаска, по повод Меѓународниот ден на трудот.
Претседателот на Организација на работодавачи, Ангел Димитров вели дека во согласност со Уставот, Законот за работните односи, Општите колективни договори и ратификуваните меѓународни конвенции, Република Северна Македонија обезбедува висока заштита на работничките права.
„Уставот на Република Северна Македонија во членот 32 ја гарантира слободата на избор на вработување, заштитата при работењето и материјалната обезбеденост за време на привремена невработеност, но исто така и правото на платен дневен, неделен и годишен одмор на работникот. Правата на работниците утврдени со Уставот, закон или Колективен договор не можат да се одземат или ограничат со акти или дејствија на работодавачот. Но и покрај високата заштита на работничките права во праксата имаме работодавачи кои не ги почитуваат ниту основните права на дневен, неделен и годишен одмор, плаќање на прекувремена работа и сл.“, потенцира Димитров.
„Во делот на работните односи има повреди на правата од работен однос поради примена на одредби од Колективен договор чијашто содржина е спротивна на одредбите во Законот за работните односи. Имајќи предвид дека, со колективен договор не може да се определат помали права за работниците од правата утврдени со закон, доколку во пракса се применува Колективен договор што содржи вакви одредби, одредбите ќе се сметаат за ништовни, а во случајот неизбежно ќе се применуваат одредбите од законот“, посочува Народниот правобранител, додавајќи дека е потребна е целосна заштита на правата на работниците со доследно почитување на законските одредби и усогласување на одредбите од подзаконските акти со законите кои ги уредуваат правата од соодветната област.
Целосно ново решение за мајчинското и родителското отсуство во измените на ЗРО
Измени на ЗРО за поголема заштита на правото на неделен одмор
Измените на Законот за работните односи пред собраниските комисии
Синдикатите објавија повеќе барања за законски измени во корист на работниците
Законот за работните односи се хармонизира со европското законодавство
Прва конференција на ЗТСП посветена на актуелните состојби во трудовото и социјалното право
Ќе се одржи конференција за состојбите во трудовото и социјалното право, во организација на ЗТСП
Новините во Законот за работните односи изгласани во Собранието на РМ
Се подготвуваат измени на Законот за работните односи
M.В