/ Прочитано:

2.254

Меѓународна конференција на тема „Двојба во корист на обвинетиот, виновен надвор од разумно сомневање“

Здружението за кривично право и криминологија во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје организираат меѓународна конференција на тема „Двојба во корист на обвинетиот, виновен надвор од разумно сомневање”, која ќе се одржи на 6 октомври 2017 година во хотелот „Александар палас“ во Скопје, со почеток во 9 часот.

На меѓународната научна конференција ќе се дискутира за начелото in dubio pro reo, кое е предмет на анализа и истражување во  компаративната студија на оваа тема, спроведена под покровителство на Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Студијата е насловена „Двојба во корист на обвинетиот, виновен надвор од разумно двоумење“ и таа започнува со зборовите на филозофот Рене Декарт:

„Ако сакаш да бидеш вистински трагач по вистината, потребно е барем еднаш во животот, во најголема можна мера, да се двоумиш за сѐ“.

„Што е двојба и какво е чувството на двоумење? Зар судијата како независен арбитер не би требало да биде во двојба во текот на поголемиот дел од судењето? Сепак, зар не треба судијата да донесе одлука на крај? Но како може судијата да одлучи ако се двоуми и дали може судијата и покрај сè да остане во состојба на двојба? Кривично-процесното начело in dubio pro reo – кога постои двојба да се одлучи во корист на обвинетиот – и стандардот вината да биде докажана надвор од разумно двоумење, се осврнуваат на двојбата и затоа нивната суштина и употреба веројатно можат да фрлат повеќе светлина врз погорните прашања. Додека начелото in dubio pro reo се сретнува во повеќето земји со континентално право, стандардот надвор од разумно двоумење е развиен во земјите со англо-саксонско право, но тој од ’неодамна’ е воведен и на континентот. Двете може да имаат многу сличен ако не и идентичен ефект во денешно време, а таков ефект веројатно можеле да имаат и во различни фази од минатото. Тоа не значи дека потеклото и констелацијата во која се појавиле и се развиле биле исти. Сепак, повеќето изучувачи веројатно ќе се согласат дека денес тие ја одразуваат реалната тенденција на секој сoвесен човек и на едно добро општество како целина да се заштитат од неправда, бидејќи целта на целокупната кривична правда да го казни виновникот во исто време има и друга страна, невиниот да биде ослободен“, се вели во истражувањето.

Како што информираат од Здружението за кривично право и криминологија, на конференцијата ќе учествуваат домашни, регионални и меѓународни правни експерти и правните практичари – судии, адвокати и обвинители.

„Целта е да се претстави истражувањето на оваа тема и да се овозможи понатамошна дискусија помеѓу правните експерти и практичари што ќе резултира со објавување на конечни препораки и заклучоци кои ќе бидат испратени до Министерството за правда за поттикнување на понатамошни правни измени и дополнувања во Законот за кривична постапка, Законот за судии, Кривичниот законик и други значајни закони“, истакнуваат од Здружението.

Предавачи на конференцијата ќе бидат проф. д-р Гордан Калајџиев, кој ќе говори за моралните вредности на современата кривична постапка и нумеричката презентација на стандардот на докажување и обвинителот Џанфранко Гало, чие предавање е со специјален фокус на ретроспективата на принципот In dubio pro reo и пресумпцијата на невиност и принципот In dubio pro reo, потоа судијата Зоран Димитриевски, кој ќе говори за принципот In dubio pro reo денес, степенот на сомнеж и принципот In dubio pro reo како основа за жалба, како и судијата Радмила Драгичевиќ Дичиќ која ќе се осврне на опсегот и времето на примена на принципот In dubio pro reo, законитоста на доказите, слободна проценка на доказите и расудувањето на судот.

На конференцијата, исто така, ќе говори и адвокат Мајкл Џ. Карнавас, чие предавање е со специјален фокус на размислувањето на Витман за потеклото на стандардот надвор од разумно сомневање; товарот на доказите; стандардите за докажување на ЕСЧП; дефиниција на стандардот надвор од разумното сомневање во англосаксонскиот свет.

Адвокатката Ружица Николовска ќе говори за правичната постапка, како и за обичајното право во домашните судови и на ЕСЧП. На конференцијата свои излагања ќе имаат и американски, британски и холандски експерти, судии и професори.

М.В