Меѓународна конференција „Приватната и јавната безбедност – соработка и партнерство“
Унапредување и професионализација на приватното обезбедување во Република Македонија во борбата против сите форми на криминал и загрозувања се теми на меѓународната конференција „Приватната и јавната безбедност – соработка и партнерство“ што се одржува денеска во организација на Комората за приватно обезбедување.
Конференцијата е во рамки на кампањата „Денови на приватно обезбедување 2017” и одбележување на 40 години постоење и работа на Факултетот за безбедност во Скопје.
Во фокусот на конференцијата се актуелните состојби и предизвици со кои се соочува дејноста приватното обезбедување во Република Македонија, додека програмата е посветена на размена на знаења, искуства и практики од реномирани експерти од областа на приватното обезбедување од земјата и странство.
„Од аспект на Министерството за внатрешни работи, кое во изминатиот период ги демонстрираше својата отвореност и подготвеност за соработка, пред сè, со Комората за приватно обезбедување на Република Македонија– како асоцијација која ги обединува и дефинира потребите и целите на оваа дејност – и тоа како е важно прашањето за продлабочување и надградување на нашето досегашно партнерство во насока на поголема ефикасност и функционалност во заедничкото дејствување“, рече министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски во своето обраќање на конференцијата.
Комората на Република Македонија за приватно обезбедување е основана на 21.6.2000 год. Основни цели на Комората се: заштита и унапредување на стручноста, професионалноста, деловноста и заштитата на професијата. Приватното обезбедување во Законот за приватно обезбедување е дефинирано како дејност од јавен интерес.
Правните лица што имаат дозвола за приватно обезбедување преземаат мерки и активности утврдени со овој закон заради спречување и откривање на штетни појави и противправни дејствија кои ги загрозуваат телесниот интегритет и достоинството на личноста и имотот што се обезбедува.
Со Законот за приватно обезбедување се уредуваат условите за вршење на приватно обезбедување; вршењето на приватното обезбедување; приватното обезбедување за сопствени потреби; задолжителното приватно обезбедување; овластувањата на работниците за приватно обезбедување; работната облека и ознаката на работниците за приватно обезбедување; формирањето, овластувањата и финансирањето на Комората за приватно обезбедување на Република Македонија; евиденциите, заштитата на податоците и информациите; надзорот; овластувањето за подзаконски прописи и прекршочните одредби.
M.В