/ Прочитано:

1.178

Меѓународна конференција за обединување во борбата против корупцијата

Во Република Хрватска во организација на Министерство за правда на Р Хрватска и на ГРЕКО (Групата држави против корупцијата) се одржува меѓународната конференција насловена како „Зајакнување на транспарентноста и одговорноста со цел обезбедување интегритет: Обединети против корупција“.

Значењето на оваа конференција е во тоа што во нејзини рамки ќе биде потпишана декларација со која ќе се воспостави меѓународна мрежа на национални тела за сузбивање на корупцијата. Оваа мрежа, велат од хрватското Министерство за правда, ќе биде под покровителство на хрватските, на француските и на италијанските антикорупциски власти и ќе промовира соработка и размена на искуства на добри практики во борбата против корупцијата.

Исто така, во рамките на конференцијата ќе бидат промовирани национални механизми за борба против корупција и ќе се промовира јавната транспарентност со цел да се зајакне транспарентноста и одговорноста.

Воедно, на конференцијата ќе се дискутира за улогата на слободните медиуми и промовирањето на транспарентноста и интегритетот во борбата против корупцијата, етичката одговорност на новинарите. На конференцијата ќе стане збор и за ризиците со кои би можеле да се соочат државите при појавата на корупцијата.

На меѓународниот настан присуствуваат 250 стручњаци од целиот свет.  Конференцијата на која учествува и македонската министерка за правда, Рената Дескоска, се одржува во Шибеник, под покровителство на хрватското претседавање со Комитетот на министри на Советот на Европа.

M.В