/ Прочитано:

1.528

Меѓународна криминална група осомничена за кражби во сефови во банки во Македонија

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе наредба за спроведување истражна постапка против седум лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело – Тешка кражба од членот 236 и кривично дело – Злосторничко здружување од членот 394 од Кривичниот законик.

„Станува збор за меѓународна криминална група составена од четворица украински државјани и по еден државјанин на Молдавија, Казахстан и на САД. Осомничените во Република Македонија извршиле 19 тешки кражби од граѓански сефови во филијали на Шпаркасе банка и на Централна кооперативна банка во Скопје. Притоа се стекнале со противправна имотна корист од 105.638.858 денари во пари, накит и други вредни предмети.

Во периодот од јули до ноември 2017 година, осомничените извршиле закуп на граѓански сефови во различни банки на различни места во Скопје со цел да ги проценат околностите и системот на безбедност во банките. Притоа користеле лажни идентитети и во одреден период секојдневно ги посетувале филијалите во кои имале закупени сефови. Искористувајќи момент без присуство на службено лице, со специјални уреди ја снимале внатрешноста на бравите на сефовите и потоа изработувале клучеви – калаузи за нивно отворање. Одземените вредни предмети од сефовите биле изнесени од Република Македонија, поединечно од секој член на групата, на различни гранични премини и во различни временски периоди. Оваа криминална група на истиот начин извршила тешки кражби и во други земји.

До овој момент, еден од осомничените е лишен од слобода во Латвија, додека двајца во Таџикистан. Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, преку меѓународна правна помош испрати барање за прибирање податоци и доказен материјал до надлежните институции во овие земји“, соопштуваат од ЈОРМ.

М.В