/ Прочитано:

1.834

Меѓународна научна конференција „Општествените промени во глобалниот свет“

На Правниот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип по петти пат се одржа Меѓународната научна конференција „Општествените промени во глобалниот свет“.

„Годинава ни беше јубилејна, по петти пат ја организиравме научната конференција. На конференцијата беа присутни околу 70 гости, со тоа што конференцијата имаше добиено повеќе трудови кои го најдоа своето место во печатените и во електронските изданија на зборниците. Авторите зборуваа на четири различни теми – право, политика, општество и комуникации. Новина на јубилејното издание на конференцијата беше новата секција – Секција на млади истражувачи, во која имаше 15 учесници од Република Македонија. Тоа се студенти на постдипломски и докторски студии, како и двајца учесници од Бугарија, студенти на докторски студии. Конференцијата се одвиваше во пет различни панели, а свое учество зедоа учесници од повеќе држави: Русија, Полска, Бугарија, Србија, БиХ и од Македонија“, изјави доц. д-р Марија Амповска, член на организацискиот одбор на конференцијата.

Во двата дена на конференцијата беа презентирани доста интересни и актуелни трудови, а дел од нив ја покажаа поврзаноста и сличноста на проблемите со кои се соочуваат одредени области во државите од регионот.

„Темата на мојот труд се однесува на уставната заштита на човековите права, и во таа смисла станува збор за улогата на судовите и другите институции и установи кои имаат свој важен удел во заштитата на човековите права. Во фокусот на моето излагање беше состојбата во Република Србија, но тоа се теми кои имаат универзално значење, така што верувам дека има доста заеднички точки со правниот систем во Р Македонија. Предизвиците и проблемите се приближно исти“, вели Маја Настиќ, продекан на Правниот факултет на Универзитетот во Ниш, Република Србија.

Конференцијата се одржа на 6 и 7 септември во просториите на Правниот факултет на УГД.

М.В