/ Прочитано:

1.352

Меѓународни финансиски истраги на СЈО

Специјалното јавно обвинителство се фокусира на финансиски истраги и на откривање каде во странство се одлеале парите во врска со кривичните дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.

Можни држави каде што се одлеале парите се: Чешка, Грција, Велика Британија, Холандија, изјави денеска специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, на промоцијата на проектот Заедно за одговорност: Поддршка на Специјалното јавно обвинителство на Македонија во зајакнувањето на неговите оперативни капацитети и капацитетите за меѓународна правна соработка.

„СЈО веќе соработува со други држави, а наши обвинители веќе беа и во студиски посети. Се надевам дека ќе откриеме каде точно се одлеале парите и дали сè уште се во РМ.  Не дозволуваме да ни бидат врзани рацете во однос на меѓународните финансиски истраги. Секој ден наоѓаме начини и се обидуваме да најдеме законски начини како да одат побргу нашите финансиски истраги. Сите обвинители и целиот обвинителски тим на СЈО најмногу работат на финансиските истраги. Имаме и многу материјали кои се собрани и кои се анализираат на дневна основа“, рече Јанева, која додаде и дека  СЈО работи и на проектот „Скопје 2014“ и очекува наскоро да излезат со јавнообвинителска одлука.

На денешната промоција на проектот за поддршка на СЈО беше истакнато дека целта на проектот е поддршка на Специјалното јавно обвинителство во неговиот мандат за истраги и гонење преку развивање на неговите оперативни капацитети за ефективно водење на истраги и гонење и зајакнување на неговите капацитети за меѓународна правна соработка.

Проектот е финансиран преку Холандската амбасада, ќе трае три години, а целта е зајакнување на оперативните капацитети на СЈО и меѓународната правна помош, која е неопходна за побрзо водење на финансиски истраги.

М.В