/ Прочитано:

1.356

Меѓународни искуства за заштитата на личните податоци во пресрет на новата европска Регулатива

Дирекцијата за заштита на личните податоци на Република Македонија  во периодот од 22 до 24 април 2018 година ќe биде домаќин на вториот состанок „Иницијативата 20i7“, на кој ќе земат учество претставници на органите за заштита на личните податоци на Босна и Херцеговина, Словенија, Црна Гора, Хрватска, Косово, Србија и Македонија.

Вториот состанок на „Иницијативата 20i7“ ќе се одржи во Охрид, а темата на состанокот ќе биде: „Ефективната имплементација на новата европска Општа регулатива за заштита на личните податоци (General Data Protection Regulation – GDPR), како и конзистентната кооперативност помеѓу органите за заштита на личните податоци“.

„Идејата на состанокот е да има  размена на меѓународни искуства во областа на заштитата на личните податоци бидејќи обработката на личните податоци во 21 век не познава граници. Прашањето е глобално и бара глобални и заеднички одговори за сите потенцијални закани од евентуални злоупотреби на личните податоци“, посочуваат од Дирекцијата.

Во Извештајот на ЕК, што беше објавен минатата недела, Македонија е позитивно оценета во делот на заштитата на лични податоци и се признава прогресот на Дирекцијата, но исто така се препорачува донесување нов Закон за заштита на личните податоци со кој ќе се имплементира Регулативата.

Со Регулативата се воведуваат повеќе новини, а позначајни решенија се: правото да се биде заборавен, правото на преносливост на податоците, уредувањето на профилирањето во врска со донесувањето на поединечни одлуки, процена на влијанието при обработка на личните податоци, известување за нарушување на безбедноста на личните податоци, заеднички корпоративни правила, како и техничка и интегрирана заштита на личните податоци.

Со Предлог-законот за заштита на личните податоци, кој е во финална подготовка, се уредува заштитата на личните податоци како основни слободи и права на физичките лица, а особено правото на приватност во врска со обработката на личните податоци.

Основната цел на новиот Закон за заштита на личните податоци, посочуваат од Дирекцијата,  е најпрвин да го „признае“ неспорниот факт дека, за разлика од порано, денес обработката на личните податоци сѐ повеќе и сѐ почесто се врши на автоматизиран (електронски) начин.

M.В