/ Прочитано:

4.702

МЕМОРАНДУМ ЗА СОРАБОТКА: 15 адвокати ангажирани како предавачи во клиничката програма на Правниот факултет при УКЛО

На Правниот факултет – Битола во рамките на Универзитетот „Климент Охридски“ се одржа настан на тема „Правниот факултет меѓу традицијата и современите предизвици“.

На овој настан се обратија ректорот на УКЛО, проф. д-р Сашо Коруновски, кој говореше за значењето на Правниот факултет во рамки на УКЛО, деканот на Правниот факултет, проф. д-р Горан Илиќ, кој говореше за капацитетите и плановите на Факултетот, посебно за клиничката програма и сл., д-р Никола Главинче, адвокат, кој се осврна на темата за традицијата на правничката професија и адвокатурата во Битола и Александар Кирацовски, пратеник во Собранието на РМ, кој укажа на тоа дека ќе поднесе предлог-закон со кој ќе бара промена на седиштето на Факултетот од Кичево во Битола.

Во рамките на настанот се потпиша и се размени меморандум за соработка помеѓу Правниот факултет – Битола, Адвокатската комора на Република Македонија и Адвокатската заедница Битола. Со меморандумот е предвидена соработка во едукативни процеси преку ангажирање експерти од практиката за реализација на клиничка (стручно-практична) настава; организирање и реализација на практична настава за студентите од Правниот факултет, во зависност од расположливите можности; консултации и експертизи; вклучување експерти во исполнувањето на теоретските содржини на студиските програми; воспоставување на контакти и презентација на договорените страни пред домашни и странски субјекти; организирање на тркалезни маси и размена на искуства на разни панели, трибини и дискусии.

Управниот одбор на АКРМ, по барање на Адвокатска заедница – Битола, го прифати овој меморандум, а Адвокатската заедница Битола веќе изготви список на 15 адвокати кои ќе бидат ангажирани како предавачи во клиничката програма на Факултетот, со анализа на практични случаи и пренесување на искуството од практиката.

Исто така, голем број адвокати пројавија интерес за ангажирање на адвокатски приправници од редот на студентите во летниот период или по завршувањето на студиите. Од страна на деканот проф. д-р Илиќ беше истакнато значењето од склучувањето на овој меморандум за Правниот факултет со професијата која е белег на Битола. Претседателот на Адвокатската заедница Битола, адвокатот д-р Никола Главинче, ги повика надлежните да овозможат правните студии во Битола да имаат своја институционална и финансиска поддршка, која ветува развој и на Битола.

За возврат побара поддршка од науката во однос на зачувување на практичната примена на уставната одредба посветена на адвокатурата, посебно во време кога се најавуваат измени на законските решенија кои го предвидуваат учеството на адвокатот во повеќе постапки. Пред присутните студенти, професори и адвокати беше укажана желбата соработката да се развива во иднина со зголемена динамика, а ваквиот пример да го следат и другите средини и институции бидејќи поврзувањето на практиката и науката овозможува развој на општеството.

М.В