/ Прочитано:

1.892

МЕМОРАНДУМ ЗА СОРАБОТКА: Македонија ќе го унапредува системот на судската пракса по британски модел

Амбасадорот Гарет истакна дека во периодот од политичката криза во Македонија, која трае неколку години, се појавила потребата од спроведување на реформските приоритети кои ќе обезбедат подобар судски систем за сите.

Илустрација

Унапредување на системот на судска пракса преку користење на моделот на британскиот судски систем, неговата традиција и култура е дел од Меморандумот за соработка потпишан од министерот за правда Валдет Џафери и амбасадорот на Обединетото Кралство во земјава Чарлс Гарет. Покрај тоа, како што истакна министерот Џафери, целта на Меморандумот е и зајакнување на независноста на судството и довербата на граѓаните во правосудниот систем.

Амбасадорот Гарет истакна дека во периодот од политичката криза во Македонија, која трае неколку години, се појавила потребата од спроведување на реформските приоритети кои ќе обезбедат подобар судски систем за сите.

„Ова подразбира подобрен капацитет на судиите, подобрени перформанси на судскиот систем, зголемена доверба во судството од страна на јавноста, зголемена независност и подобар пристап до правда за сите граѓани. ­ Доколку работите во рамките на судскиот систем, ова ќе биде можност да дадете личен придонес во зајакнувањето на клучните принципи, како што се: доследност, кохерентност, правна извесност, предвидливост и транспарентност. Секој во земјата има корист од посилен судски систем затоа што тоа е од суштинско значење за градењето силна демократија, за праведно општество и за пораст на економијата. Посилен судски систем значи посилна Македонија“, порача британскиот амбасадорот Гарет.

Гарет нагласува дека судството е камен-темелник на секоја демократија, но и основа за силна економија. Сите бизниси, без разлика дали се мали или големи, локални или странски, имаат потреба од судски систем во кој можат да веруваат и кој ќе им испорача фер и независни одлуки. Овој проект ќе помогне да се оствари токму тоа, потенцираше амбасадорот.