/ Прочитано:

1.168

Менаџерите дебатираа за новите даночни измени и побараа да не се менува персоналниот данок на доход

Денеска во организација на Асоцијацијата на менаџери на Македонија беше организирана трибина насловена „Новите даночни измени и новиот Буџет во стопанството“.

На денешната трибина на која присуствуваа претседателот на Владата и министерот за финансии, менаџерите порачаа да не се менува персоналниот данок на доход и да не се прават промени кај данокот на капитална добивка.

„Најдобро е да нема измени. Аргументи за тоа се дека се наградуваат просечните, а бизнисот и успешните поединци се иселуваат надвор, особено фриленсерите, парите се лоцираат во странство, се прави одлив на кадар и се зголемува даночната евазија“, истакнаа од Асоцијацијата на денешната трибина.

Премиерот Заев и министерот за финансии Тевдовски истакнаа дека промени во оданочувањето во Македонија треба да има за да има праведно општество, но и заради подобрување на ефикасноста на институциите. Заев нагласи дека со  даночните реформи нема да се брза, дека ќе се оди повеќе на тоа да се подобри наплатата и да се намали даночната евазија која кај ДДВ е 30 проценти. Тевдовски подвлече дека Македонија има една од највисоките стапки на нееднаквост на доходот во Европа и дека новите решенија за праведно оданочување се умерени.

Асоцијацијата на менаџери на Македонија  е независна деловна организација, чија цел е вмрежување, едуцирање, промовирање и застапување на интересите на членовите менаџери.

М.В