/ Прочитано:

2.688

Мерка против загадувањето во Скопје: Граѓаните користат бесплатен автобуски превоз

ЈСП Скопје информира дека почна да ги превезува граѓаните бесплатно, во согласност со Одлуката на градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски. „Ова мерка е од времен карактер и важи за сите лица кои имаат потреба од јавен превоз и ќе биде активна сè до нејзино укинување од градоначалникот. Од моментот на воведување на оваа мерка, од 6:00 до 17:00 часот ќе работат само билетарниците на Зелен пазар, Ѓорче Петров, Бутел и Транспортен центар. Од системски, т.е. технички причини, ЈСП Скопје нема да може да изврши рефундирање на средствата на веќе набавените времени билети, ниту пак пролонгирање на нивната важност

Сè додека не бидат концентрациите на опасните честички 2,5 ПМ и 10 ПМ во границите на дозволеното, граѓаните на Скопје ќе имаат можност за бесплатен јавен превоз во автобусите на ЈСП и кај приватните превозници, информираше градоначалникот Коце Трајановски.

Освен оваа мерка во насока на намалување на аерозагадувањето, Трајановски рече дека Град Скопје заедно со општините ќе ја интензивира контролата на градилиштата, а Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ ќе продолжи со интензивно миење на градските улици и булевари.

„Апелирам до вработените на Град Скопје да доаѓаат со јавен превоз наместо со свои автомобили. Исто така, градските власти ќе ги контролираат сите градилишта и возилата кои ги напуштаат градилиштата. Градот го задолжи ЈП Комунална хигиена да продолжи со миење на градските улици. Доколку дозволат временските услови, ќе продолжи да се прска со калциум ацетат“, истакна скопскиот градоначалник.

Што се однесува до возењето пар-непар, Трајановски нагласи дека, во согласност со Законот за безбедност на сообраќајот, засега нема можност да се воведе оваа мерка. Инаку, пред извесно време, Министерството за животна средина и просторно планирање предложи воведување на возењето пар-непар преку измена и дополнување на овој закон.

Овие мерки и препораките што ги донесе Трајановски се во согласност со Законот за намалување на загадувањето на амбиенталниот воздух и во насока на намалување на загадувањето на воздухот, а се во согласност со ингеренциите што ги има како градоначалник на Град Скопје.

Во меѓувреме, односно само неколку часа по прес-конференцијата на градоначалникот Трајановски, ЈСП Скопје информира дека почна да ги превезува граѓаните бесплатно, во согласност со Одлуката на градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски.

„Ова мерка е од времен карактер и важи за сите лица кои имаат потреба од јавен превоз и ќе биде активна сè до нејзино укинување од градоначалникот. Од моментот на воведување на оваа мерка, од 6:00 до 17:00 часот ќе работат само билетарниците на Зелен пазар, Ѓорче Петров, Бутел и Транспортен центар. Од системски, т.е. технички причини, ЈСП Скопје нема да може да изврши рефундирање на средствата на веќе набавените времени билети, ниту пак пролонгирање на нивната важност“, се вели во соопштението од ЈСП Скопје.

Истовремено, ДОМ информираше дека, како партија на зелените, се горди што скопскиот градоначалник конечно ги прифати нивните апели за воведување бесплатен автобуски превоз.

„Конечно, се изборивме за бесплатен автобуски превоз во Скопје за време на екстремна загаденост, за што водевме кампања изминатите три месеци! Градоначалникот на Скопје ја прифати како една од пакетот итни мерки на ДОМ. Сега го повикуваме, во соработка со останатите надлежни институции, да ги спроведе и останатите мерки за спас на скопјани од загадениот воздух. Со оглед на фактот дека аерозагадувањето е проблем на СИТЕ поголеми македонски градови, ДОМ останува на своето барање до Владата да прогласи вонредна состојба и да ги преземе следните ИТНИ мерки во градовите:
– воведување пар-непар;
– повеќе автобуси и линии, како и јавен превоз во градови каде што го нема;
– забрана за возила под Еуро 4 стандард во градскиот сообраќај;
– зелена зона за пешаци и велосипедисти во центарот;
– воведување евтина дневна тарифа за струја на домаќинствата;
– затворање на градилиштата;
– преполовување на производството на индустриските објекти што загадуваат, по што државата ќе ги обесштети;
– редовно собирање на отпадот;
– субвенции за печки со целосно согорување и квалитетни горива во домаќинствата“, се вели во соопштението на ДОМ.

А. Б.