/ Прочитано:

1.647

Меркел е канцелар на Германија по четврти пат

Владејачкиот конзервативен блок ЦДУ/ЦСУ предводен од канцеларката Ангела Меркел на вчерашните избори доби 33 проценти поддршка од страна на гласачкиот електорат, со што обезбеди 246 пратенички места во Бундестагот од вкупно 631. Од редовите на ЦДУ во германскиот Бундестаг влегуваат 200 пратеници, додека 46 се од ЦСУ. Иако ваквиот резултат не е доволен за формирање влада, Меркел вети дека ќе формира стабилно мнозинство, нагласувајќи дека не планира да води малцинска влада.

Ангела Меркел по четврти пат е канцелар на Германија, откако вчера сојузничкиот конзервативен блок ЦДУ/ЦСУ чиј лидер е токму таа победи на најважните парламентарни избори во Европа во 2017 година. Ваков успех во Германија имаат постигнато само Хелмут Кол и Конрад Аденауер.

Владејачкиот блок на вчерашните избори доби 33 проценти поддршка од страна на гласачкиот електорат, со што обезбеди 246 пратенички места во Бундестагот од вкупно 631, од кои 200 пратеници ќе бидат од редовите на ЦДУ, додека 46 се од ЦСУ. Иако ваквиот резултат не е доволен за формирање влада, Меркел вети дека ќе формира стабилно мнозинство, нагласувајќи дека не планира да води малцинска влада.

„Стабилна влада е вредност сама по себе, а германскиот парламентарен систем е поинаков од земјите кои имаат долга традиција на малцински влади. Живееме во бурни времиња. Апелирам до сите да продолжат да се однесуваат одговорно“, изјави Меркел.

Според ЗДФ и изборната истражувачка група, резултатите се следни:

ЦД/ЦСУ – 33 (41.5) -8.6
СПД – 20.5 (25.5) -5.0
Алијансата на зелените – 8.9 (8.4) +0.7
„Слободни демократи“ – 10.7 (4.8) +5.6
Левица – 9,2 (8.6) +0.3
„Алтернатива за Германија“ – 12,6 (4,7) +8,3

Социјалдемократската партија на Мартин Шулц, кој беше во трката за канцелар на земјата, доби само 20,5 проценти поддршка од гласачите. Во повоената историја на Германија, ова е најслабиот резултат на СПД, по што аналитичарите оценуваат дека трендот на сериозна криза во редовите на европската традиционална левица оди во нагорна линија, особено по неуспехот на француските социјалисти и недовербата кон британските лабуристи.

Веднаш по објавувањето на резултатите, Шулц изјави дека политиката на отворени врати на Меркел помогна екстремната десница АФД на голема врата да влезе во Бундестагот, освојувајќи 12,6 отсто од гласовите, односно 94 пратенички места.

Според аналитичарите, успехот на Алтернатива за Германија, која беше формирана пред само четири години, не е големо изненадување, особено откако на регионалните избори во 2016 година оваа партија освои места во 13 од вкупно 16 сојузни покраини во Германија, вклучувајќи и 24,3 отсто од гласовите во источниот регион Саксонија Анхалт.

Според ЗДФ и изборната истражувачка група, одѕивот на гласачите на овие избори во Германија е уште поголем од претходниот – 76,5% наспроти 71,5%.

Економските аналитичари најавуваат дека може да се случи пад на курсот на еврото, пред сè, како што појаснуваат, поради очекувањата дека Меркел тешко ќе може веднаш да формира владејачка коалиција и дека ќе остане на власт цел мандат. Истовремено индустриски здруженија во Германија повикаа на брз почеток на преговорите за коалиција и стабилна влада, за да добијат компаниите јасни сигнали за новата насока и да се избегне опаѓање на деловната клима.

А. Б.