/ Прочитано:

5.028

Мерки што ги преземаат државните органи за штетите предизвикани од природни непогоди

За првично санирање и спречување од ширење на штетата се преземаат организациски, технички и други мерки и употреба на технички и други средства за непосредна лична и колективна заштита со активирање на учесниците во системот на заштита и спасување, со вклучување на организираните сили за заштита и спасување, како и на цивилната заштита.

Санирање на штетите од поплавите/Фото: АРМ

Во согласност со Законот за заштита и спасување, природни непогоди се: земјотреси, поплави, лизгање на земјиште, снежни лавини и наноси, голомразица, град, суша, кои со природни неконтролирани сили ја загрозуваат животната средина, животот и здравјето на луѓето, материјалните добра, животинскиот и растителниот свет и културното наследство. При справувањето со природните непогоди, во согласност со македонското позитивно право, постојат низа мерки и активности кои се преземаат од страна на државните органи, локалната самоуправа, трговските друштва и граѓаните. Тие мерки се во насока на заштита од природни непогоди и други несреќи, спасување, помош, поддршка, учество во системот на заштита и спасување итн.

Штета настаната врз имотот на граѓаните, а која е предизвикана од природни непогоди и други несреќи, Законот за заштита и спасување ја дефинира како непосредно уништување и оштетување од природни непогоди и други несреќи, како и трошоците за активностите и преземените мерки при отстранување и спречување на уништувањето и оштетувањето на имотот, материјалните добра, природните богатства, културното наследство и животната средина, растенијата, повреди на луѓето и животните. За првично санирање и спречување од ширење на штетата се преземаат организациски, технички и други мерки и употреба на технички и други средства за непосредна лична и колективна заштита со активирање на учесниците во системот на заштита и спасување, со вклучување на организираните сили за заштита и спасување, како и на цивилната заштита. Во вакви случаи се активираат средствата за заштита и спасување – опрема, алат, објекти за привремено сместување, објекти и опрема за оспособување, магацини, превозни средства, телекомуникациски и алармни уреди, како и материјал кој наменски се употребува за заштита и спасување.

Учеството на органите на државната власт во надоместот на штетата настаната од природни  непогоди се остварува преку одлука на Владата за висината на надоместокот за настанатата штета предизвикана од природни непогоди и други несреќи, како и преку одлука на Советот на единицата на локалната самоуправа кој одлучува за висината на средствата од буџетот на единицата на локалната самоуправа за надомест на штета од природни непогоди и други несреќи и за распределба на хуманитарната помош наменета за настраданото население во единиците на локалната самоуправа.

Процената и утврдувањето на висината на штетата настаната од природни непогоди и други несреќи ја вршат комисии формирани од Владата, од советите на единиците на локалната самоуправа и од органите на управување во трговските друштва, јавните претпријатија, установите и службите.

Поплава во Скопје/ Фото: АРМ

Процената на штетата се утврдува по Единствена методологија за процена на штета, што ја донесува Владата на предлог на Министерството за финансии. Утврдувањето на висината на штетата започнува веднаш по настанување на непогодата и во рок од 360 дена од престанокот на непогодата комисиите се должни да изготват извештај за утврдената штета и да го достават до Комисијата формирана од Владата.

Процената и утврдувањето на висината на штетата ги опфаќа видот, обемот и висината на штетата изразена во натура и вредносни показатели, според подрачјето, дејноста, имотот, сопственоста, времето и причината за настанување на штетата. Помошта може да биде во вид на непосредна парична помош или помош со намалување, односно ослободување од даночните обврски кои се даваат без обврски за враќање.

Законот за земјоделство и рурален развој во членот 99 ја дефинира помошта за загуби претрпени од природни непогоди и неповолни климатски настани како помош на земјоделските стопанства за загубите на земјоделски растенија и животни на земјоделски имот, како и штети на стакленици и пластеници предизвикани од неповолни временски настани. Максималната висина на помошта нема да надминува 100 % од утврдената загуба на приходот од продажба на земјоделски растенија и животни, на земјоделски имот и штети на стакленици и пластеници.

Максималниот износ на помошта ќе се намали за износот добиен во рамките на договор за осигурување (доколку оштетеното лице претходно било осигурано) и висината на трошоците кои не се предизвикани како резултат на неповолниот климатски настан. Покрај доделената помош, во зависност од висината на настаната штета, помошта може да биде и во форма на намалување, ослободување или одложување на парични обврски на земјоделските стопанства кон Министерството.

И Законот за социјална заштита предвидува еднократна парична помош во висина од 30 000 денари, која му се доделува на лице или на семејство кое се нашло во положба на социјален ризик, како и на лице или семејство поради претрпена природна непогода или епидемија. Под помош во натура се подразбира обезбедување на облека, храна и други средства кои центарот за социјална работа ќе утврди дека се неопходни за минимална егзистенција на лицето или семејството.

Еднократната парична помош се остварува во центарот за социјална работа, а во итни и неодложни случаи министерот може да донесе решение за доделување на еднократната помош. Кога станува збор за природни непогоди, оваа помош се доделува за задоволување на потребите на лице или семејство кое се нашло во положба на социјален ризик, која може да остави трајни последици поради претрпена природна непогода (земјотрес, поплава, пожар) епидемија или смрт на член на семејството.