/ Прочитано:

1.237

Месечен информатор за дискриминација на Хелсиншкиот комитет за човекови права

Хелсиншкиот комитет за човекови права го објави месечниот информатор за дискриминација за месец јуни 2017 година.

Во јуни Народниот правобранител, се вели во месечниот информатор на Хелсиншкиот комитет, позитивно се произнесе во однос на претставката која беше поднесена од 40-ина мајки кои живеат во еднородителски семејства, вонбрачни заедници и брачни заедници, поддржани дополнително и од 8 организации.

Овие засегнати страни, истакнуваат од Комитетот, укажуваат на повреда и вршење дискриминација врз основа на брачен и семеен статус и религија во областа на образованието.

„Поради ваквите дискриминаторски содржини во учебникот ’Општество‘ за 4-то одделение на авторката Билјана Живковиќ, тој ќе биде ревидиран и спорните содржини ќе претрпат измени. На стр. 18 во учебникот се учи за брачен живот и брачни улоги и меѓу другото, се бара од учениците да залепат фотографија од свадбата на своите родители или да ги нацртаат, притоа да одговорат кога нивните родители стапиле во брак и на која возраст, колку години се во брак и оставено е на учениците да заокружат дали родителите се венчале во матично, црква или друго. Ваквата вежба е дискриминаторска и вознемирувачка за цели групи родители и деца кои не живеат во конвенционални брачни односи“, посочуваат од Хелсиншкиот комитет.

Нееднаквиот третман кон определено лице или група лица поради нивните лични карактеристики претставува дискриминација. Основите, видот и областите во кои дискриминацијата се забранува најдетално се опфатени со Законот за спречување и заштита од дискриминација. Прифаќањето на различностите и заштитата од дискриминација се многу важни за напредокот на секое општество.

Од овие причини, Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Хелсиншкиот комитет ги набљудуваат случаите на дискриминација, активностите на државата и другите здруженија на граѓани во делот на превенцијата и заштитата од дискриминација.

Информаторот ги прикажува податоците од набљудувањето во текот на еден месец. Месечните информатори вклучуваат и податоци за случаи и мислења дадени од страна на Народниот правобранител.

Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје го спроведува проектот „Заштита од дискриминација“.

Една од активностите во рамките на овој проект е издавање месечни информатори кои имаат за цел да ја информираат јавноста за бројот и видот на регистрирани случаи на дискриминација во земјата на месечно ниво, поведени постапки за заштита од дискриминација, судска практика од домашните судови и Европскиот суд за човековите права, практика на Народниот правобранител и Комисијата за заштита од дискриминација, како и преземените активности на здруженијата на граѓани и релевантните институции во полето на заштитата од дискриминација. Информаторот можете да го преземете на следниов линк.

М.В