„Метастаза“ пред крај, обвинетите привршуваат со завршните зборови
Понеделник, 2 јули 2012 – Останаа уште 14 обвинети во случајот „Метастаза“ да се изјаснат пред судот. Се гледа крајот на судскиот епилог за докторите и нивните посредници кои неполни 2 години се обидуваат да докажат дека не издавале лажни дијагнози и не врбувале луѓе за да земат мито. Оние обвинети што досега даваа завршни зборови во целост го отфрлија обвинението, докторите зборуваа за моралот на својата професија, а посредниците ја поставија дилемата, зошто ако можеле да средат инвалидска пензија за други, истото не го направиле за себе? Дел од адвокатите сметаат дека барателите се невработени лица и немаат по 2 или 3 илјади евра за мито.
СМС и телефонските разговори на 309 страници
Обвинителството го даде завршниот збор на 309 страници каде што на опширно ги објаснува телефонските разговори меѓу обвинетите. Според обвинителството преку СМС или телефонски разговор, обвинетите ја договарале медицинската документација, висината на цената, приемот на странки.
Психози, срцеви и невролошки болести, обвинителството тврди дека докторите препишувале болести што кај пациентите не покажуваат телесни повреди.
Обвинителството се повикува и на исказите на загрозениот сведок кој преку своите искази целосно ја отсликал шемата на организациона поставеност на групата, нејзините лидери и припадници, нивните позиции и улоги, начинот на делување на групата според својата структурираност, начинот и методите на делување во сите нивоа, износот на паричните средства колку се барало и земало од барателите на инвалидски пензии во зависност од конкретниот случај и според начинот на обезбедување на медицинската документација, шемата односно начинот на одлучување во комисиите. Објаснил како делот од паричниот износ се делел во различните нивоа на групата. Обвинителството тврди дека изнесените околности во овие искази во целост кореспондираат со фактите од изведените докази.
Обвинението поезија, а заштитениот сведок фингиран
Не верувај на тоа што ти го кажуваат, верувај на тоа што ќе го видиш“, првообвинетиот Сашо Јосимовски му порача на судот.
„Се грижам за здравствената состојба на своите пациенти според лекарската етика и досега сум имал само пофалби. Обвинението го пишувал поет. Хартијата трпи се. Ниту еден од сведоците на обвинителството не ме познава освен две медицински сесетри што сум работел со нив. Медицинските документи кои ги сретнувале на шалтер биле со мој печат. Тоа е точно, се гледа мојот потпис, но сите ме препорачуваат. Една од нив веднаш по сведочењето е вработена, а претходно беше 4 години волонтер. На 22.10.2010 години Макфакс oбјавиле дека сведоците лажат, ниту еден од сведоците не кажа дека сум им побарал пари. Никого не сум организирал. Сѐ ќе прифатам, но не можам да прифатам дека сум злосторниик. Загрозениот сведок беше фингиран на крајот за да може да опстане обвинението. Јас никогаш не сум бил претседател на второстепена комисија. Снимките не содржат правно релевантни факти и не докажуваат вина. Со доктор Дамјановски имавме 7 разговори, а не 50-тина, рече Јосимовски во судница. (дел од исказот на првобвинетиот Сашо Јосимовски даден на 7 мај 2012 година).
Не постои група, ниту штета што ја направиле обвинетите
Бранителите со замерки за посебните истражни мерки, обвинувањата дека постоела група, немало прецизна сума за утврдена штета на ПИОМ. Според нив доказите на обвинителството се неосновани. Се жалеа и на текот на судската постапка. Бараат пресудата да се темели на она што е видено и изјавено во судница, а не од доказите во истрага.
„Не се докажа дека постоела група, ниту пак свест, сакање и волја за пристапување кон неа. Не се докажа дека делеле пари, не постои штета, не се докажа медицинската документација дека не е вистинска, рече адвокатот Милан Димов во судница.
Последните 3 рочишта беа одложувани од различни причини, утре продолжува главната расправа со давање на завршни зборови на останатите обвинети. Откако сите обвинети ќе се изјаснат пред судот, останува уште судијата да закаже термин за да ја прочита пресудата.
>> Предметот за случајот „Метастаза“ проследете го тука.