Метју Нимиц оствари работни средби со Димитров и Заев: Постои позитивна клима за развој на добрососедските односи
На средбата заеднички е заклучено дека евроатлантските интеграции се потребни за стабилноста и безбедноста на целиот Западен Балкан, но и дека тоа ќе придонесе за потребниот економски развој на државите и подигнување на квалитетот на живот на граѓаните. Оценето е дека постои позитивна клима за нов импулс во развојот на добрососедските односи, преку чекорите за зголемување на довербата меѓу државите, што може да придонесе и за продолжување на процесот на преговори.
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, претпладнево се сретна со специјалниот претставник на Обединетите нации во разговорите меѓу Македонија и Грција, Метју Нимиц.
На средбата се разговараше за можностите за придвижување на разговорите меѓу Македонија и Грција во врска со спорот што ги блокира евроатлантските интеграции на Република Македонија.
Посредникот Нимиц ги поздрави демократските промени во Македонија, кои отвораат можност за напредок на државата.
Специјалниот претставник на ОН, Нимиц, му честиташе на премиерот Заев за неговите отворени проактивни политики, со кои демонстрира пристап на решавање на проблемите, во интерес на граѓаните на Македонија, но и на регионот.
„Јас и Владата на Македонија сме определени кон чекори што ги решаваат проблемите на граѓаните на Република Македонија. За тоа водиме инклузивни политики и така ќе биде и со решавањето на ова прашање, што ќе го водиме исклучително транспарентно, а не затворено како досега, само преку државен консензус, со опозицијата, со Парламентот, со претседателот на државата и со граѓаните на Република Македонија“, рече премиерот Заев.
На средбата заеднички е заклучено дека евроатлантските интеграции се потребни за стабилноста и безбедноста на целиот Западен Балкан, но и дека тоа ќе придонесе за потребниот економски развој на државите и подигнување на квалитетот на живот на граѓаните. Оценето е дека постои позитивна клима за нов импулс во развојот на добрососедските односи, преку чекорите за зголемување на довербата меѓу државите, што може да придонесе и за продолжување на процесот на преговори.
Претходно, медијаторот Нимиц оствари средба со шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, на која тој истакна дека во наредните месеци не треба да се очекува драматичен напредок во однос на прашањето за името, туку придвижување на процесот преку засилени контакти меѓу Македонија и Грција. Нимиц нагласи дека во Македонија не е дојден со нов предлог, туку на средбите се разговарало за концептите на новата Влада за интензивирање на односите меѓу двете земји и општо за генералниот став за градење политика на добрососедство и решање на регионалните проблеми.
„Во наредните неколку месеци, не треба да очекуваме драматични активности или промени. Сметам дека во моментов не е време за конечни, конкретни предлози. Потребен ни е период кога двете страни ќе разговараат меѓу себе. Имаме нова Влада овде и нов контекст во регионот. Работите ќе се придвижат, но не гледам драматични случувања во следните неколку месеци. За да се реши прашањето за името, потребен е генерален прогрес на двете страни, односно тие да се ислушаат меѓу себе за своите позиции и да покажат отвореност“, нагласи Нимиц на средбата со Димитров.
Во однос на можноста за промена на форматот на разговорите, тој истакна дека во последните неколку години воопшто немаше средби на претставниците на земјите во разговорите, а ја оцени како мошне значајна посетата на Димитров на Атина, прва во својство на министер, како и најавата за возвратна посета на Коѕијас на земјава.
А. Б.