МФ: Не се планира зголемување на стапките на ДДВ и на персоналниот данок, туку уделот кој општините го добиваат од наплатата
„Во насока на точно информирање на јавноста истакнуваме дека не се планира зголемување на стапките на ДДВ и на персоналниот данок.
Имено, изјавата на министерот за финансии, Фатмир Бесими, во емисијата ‘Економски магазин’ се однесува на зголемување на уделот кој општините го добиваат од наплата на ДДВ и од персоналниот данок, како трансфери од централен буџет, а не на стапките на ДДВ и персонален данок.
Министерот за финансии гостуваше во емисијата ‘Економски магазин’ на тема ‘Фискална децентрализација’, каде што ја презентираше реформата за унапредување на фискалната децентрализација.
И самиот автор на емисијата ‘Економски магазин’, Горан Теменугов, преку социјалните мрежи посочи: ‘Поради мала непрецизност објавена на веб-страницата на Алсат, каде што стоеше дека ќе се зголемува ДДВ и персоналниот данок, дојде до забуна во јавноста. Информацијата се однесува на зголемување на тоа колку општините ќе добиваат од собраниот ДДВ и персоналец, а не на зголемување на даноците. Значи, ќе се зголеми процентот што ќе го добијат општините, а не даноците. Јас се извинувам за непрецизноста и во иднина ќе се потрудам да не се повтори ваков пропуст…’
Во рамки на реформата за унапредување на фискалната децентрализација, за која претходно и министерот за финансии и Министерството за финансии ја информираа јавноста, се предлагаат три столба – подобрување на фискалниот капацитет на општините, домаќинско и отчетно работење и зголемување на транспарентноста.
Кај првиот столб се предлага зголемување на уделот кој општините го добиваат од наплатата на персонален данок, како и постепено зголемување на стапката на дотација од наплатениот ДДВ според перформансот на општините. Имено, планирано е формирање два фонда: Фонд за перформанси за општините коишто покажуваат позитивни резултати и имаат повисока реализација на сопствените приходи и Фонд за изедначување за општините коишто имаат пониски приходи, но покажале фискален напор и добри резултати во прибирањето на сопствените приходи.
Овие предлози ќе бидат ставени на јавна дискусија со ЗЕЛС и со сите засегнати страни со цел оваа реформа да се носи преку еден транспарентен и инклузивен процес“, соопштуваат од Министерството за финансии.
М.В