МФ: „Стандард и Пурс“ го потврди кредитниот рејтинг
Од агенцијата „Стандард и Пурс“ посочуваат дека македонската економија продолжила да расте во текот на 2019 година, како и дека реализацијата на економскиот раст ги надминала нивните првични очекувања од 3%. Како што наведуваат, она што е позитивно е дека економскиот раст е широкобазиран, вклучувајќи го и растот на земјоделството, индустријата, градежништвото, во интервал од 3% до 5%. Потрошувачката и извозот, исто така, бележат раст, додека инвестициите започнале да растат по период од послаба реализација.
Агенцијата очекува растот да остане широкобазиран и на производствената и на расходната страна и посочуваат дека е важен моментот дека не се очекува забавување во економиите кај главните трговски партнери на земјава. Македонскиот извоз, наведуваат, ќе остане фокусиран на Европа, главно на Германија.
Според „Стандард и Пурс“, најверојатно ситуацијата со коронавирусот нема да влијае директно на македонската економија, но може да се почувствува посредно преку трговските партнери на земјава поради проблемите што ќе се јават во глобалните синџири за набавка.
Агенцијата ги оценува како позитивни напорите на Владата да привлече странски директни инвестиции во зоните, кои континуирано се зголемуваат годиниве. Ова, како што посочуваат, особено е видливо на извозната страна, која од 2015 година наваму расте со стапки од и над 10%.
Во извештајот се посочува и дека агенцијата очекува земјава во следните неколку месеци да ги почне преговорите за членство во Европската Унија.
М.В