/ Прочитано:

4.028

Миграциски процеси: Ниските плати и лошите работни услови – клучни фактори за иселување на лекарите од земјите од Западен Балкан

Претставници на здравствени установи од Македонија, Србија, Албанија и Косово денеска ги предочија клучните фактори поради кои лекарите, особено младите специјалисти ги напуштаат матичните земји и се селат во странство. За сите четири држави заеднички проблеми се невработеноста на лекарите, незадоволството од висината на платите, општествениот углед, напредувањето во кариерата, постојаните обвинувања за корумпираност на оваа фела. Најпосакувани дестинации се Австрија, Германија, Швајцарија, Франција, скандинавските земји...

Лекари

Миграцијата на здравствениот кадар, конкретно на лекарите од земјите од Западен Балкан во развиените западноевропски држави, е во подем, покажува анализата на „Хелтгрупер“, најголема истражувачка организација во областа на здравјето, здравствените и социјалните политики во регионот. Претставници на здравствени установи од Македонија, Србија, Албанија и Косово денеска ги предочија клучните фактори поради кои лекарите, особено младите специјалисти ги напуштаат матичните земји и се селат во странство. За сите четири држави заеднички проблеми се невработеноста на лекарите, незадоволството од висината на платите, општествениот углед, напредувањето во кариерата, постојаните обвинувања за корумпираност на оваа фела. Најпосакувани дестинации се Австрија, Германија, Швајцарија, Франција, скандинавските земји…

„Зошто да ми важи дипломата само од Гевгелија до Табановце?“, вака го започна своето излагање професор д-р Кочо Чакалароски, претседател на Лекарската комора на Република Македонија, институција која секоја година им издава неколку стотици препораки на лекари кои заминуваат во странство, појаснувајќи дека со овие зборови младите доктори се обраќаат кај нив пред да заминат од Македонија.

„Ќе направам куса компарација со несомнено најразвиената држава во Европа –  Германија. Не навлегувам во тоа бидејќи таму има дури 45 000 слободни работни места за лекари, но токму поради ова е полабав системот за прием на лекари од останатите земји од Европската Унија, а секако и од балканските земји. Пресуден фактор за дипломираните студенти по медицина е цената на специјализацијата. Во Македонија цената на специјализацијата, која трае од 4 до 6 години, изнесува меѓу 12 000 до 14 000 евра. Оваа сума е исклучиво на товар на младите доктори. За разлика од кај нас, во Германија специјализантите се платени од 2 000 до 2 500 евра месечно, а се обидуваат да им ги намалат и животните трошоци, па ги сместуваат во домови за стари лица, каде што се грижат за луѓето кои престојуваат таму. По завршувањето на специјализацијата, државата им одредува вработување во медицински центри во кои работат колку што траела едукацијата, односно 4-5 години. По овој период можат да побараат работа каде што сакаат, се разбира, каде што има слободни работни места. Овие фактори се клучни зошто македонските лекари си заминуваат. Во последните три години се иселени точно 612 лекари. Ова е најпрецизна бројка бидејќи толкав број доктори се обратија до Лекарската комора за да добијат добри препораки со цел да работат во некои од европските земји“, истакна професорот Чакаларовски.

Во Македонија, Србија, Албанија и во Косово не постои национална стратегија за управување со миграциите, а тоа е од исклучителна важност доколку секоја од овие земји се стреми да го задржи високообразованиот кадар во земјата, конкретно лекарите. Според Маја Крстиќ од Институтот за јавно здравје на Република Србија, во секоја од земјите во кои беше спроведено истражувањето за миграцијата на лекарите, креаторите на политиките треба да направат коренити промени за да го задржат стручниот кадар во државата.

„Конкретно во Србија недостига националната стратегија за развој на човековите ресурси и недостига пазар на труд. Токму поради тоа владите мора да иницираат низа активности со цел да се анулираат сите фактори кои ги поттикнуваат лекарите да се иселуваат“, истакна Крстиќ. 

Посочувајќи ги факторите кои придонесуваат за заминување на лекарите од Албанија, д-р Газмент Кодузи нагласи дека главна причина се малите плати.

„Лекарите во Албанија се најниско платени во однос на своите колеги во овој регион. Платата е околу 350 евра. Како резултат на незадоволството од ваквата состојба, бројот на лекари кои си заминуваат се зголемува од ден на ден. Младите лекари велат дека си заминуваат и поради условите во кои работат. Здравствените установи се стари, дотраени, нема опрема, апаратура… Сепак, морам да истакнам дека најголемиот проблем е што немаат општествен углед, напротив во последните години голем број од нив се поврзуваат со коруптивни скандали, вели Кодузи.

Ова истражување, како што денеска посочи д-р Владимир Лазаревик, основач и извршен директор на „Хелтгрупер“, ја покажува потребата од создавање национална стратегија за развој на здравството за секоја од земјите од Западен Балкан. Мерките што ги предлагаме подразбираат подобрување на процесите за следење на миграцијата, како и засилување на комуникацијата и соработката меѓу креаторите на политиките. Од исклучителна важност, истакна Лазаревик, е да се зголемат инвестициите во здравството со цел да се создадат добри работни услови за здравствениот кадар и да се одржи стабилна здравствената работна сила во секоја од овие земји.

А. Б.