/Прочитано:

321

Минатата година финансиската полиција поднела 74 кривични пријави за нанесена штета на Буџетот во износ од 3 милијарди денари

Директорот на Управата за финансиска полиција, Арафат Муареми, денеска информираше дека во 2018 година Управата поднела вкупно 74 кривични пријави за дела со кои е нанесена штета на Буџетот на Република Македонија во износ од 3 милијарди денари.

„Ова е значително повеќе во споредба со 2016 година, кога биле поднесени 41 кривична пријава, со што му е нанесена штета на Буџетот на РМ во износ од 293 милиони денари“, истакна Муареми.

Минатата година направени се неколку клучни реформи и активности во Управата, меѓу кои и измени на Законот за финансиска полиција. Управата од 2018 година зема учество во Платформата за меѓусебно поврзување и користење на базите на податоци помеѓу државните институции.

На предлог на Управата прифатено е и ново кривично дело во Кривичниот законик на Република Македонија – даночна измама. Воедно, Управата зема активно учество во Стратегијата за борба против тероризмот, Стратегијата за заштита на финансиските интереси на ЕУ во РМ, како и во Стратегијата за јакнење на капацитетите за водење финансиски истраги.

Од Управата најавуваат дека во 2019 година ќе се воспостави меѓународна соработка со органи и институции од земјите членки на Европската Унија. Воедно, се планира и понатамошен развој на системот на податоци со Европол и Интерпол. Во рамките на овие активности ќе се потпише меморандум за соработка со финансиските полиции на Италија, Грција и Холандија, а Управата ќе учествува и во преговарачкиот тим за склучување договор за соработка со Германија во областа на борбата против криминалот.

Во текот на годината ќе се работи и на создавање технички услови за функционирање на секторите за посебни истражни мерки. Исто така, ќе се изработуваат и оперативни инструкции со кои ќе се имплементираат меѓународните стандарди за борба против криминалот, со примена на најдобрите европски полициски практики.

М.В