Министерката Дескоска упати писмо до претседателите на судовите
Министерката за правда, Рената Дескоска, испрати писмо до сите претседатели на судовите и до претседателот на Судскиот совет на Република Северна Македонија.
„Во писмото, министерката укажува на измените и дополнувањата на Законот за судовите од април годинава, со посебен фокус на основите за нестручно и несовесно вршење на судиската функција.
Како основа за утврдување на нестручно и несовесно вршење на судиската функција, се предвидени случаите кога судијата без оправдани причини не ги закажува рочиштата во предметите кои му се доделени или на друг начин ја одолговлекува судската постапка.
Друг основ за утврдување одговорност е доколку судијата не го земе предметот во работа заради што настанува застареност на кривично гонење или застареност на извршување на кривична санкција за кривичното дело.
Понатаму, во писмото се укажува на тоа дека доколку претседател на суд не го извести Судскиот совет за сторена потешка дисциплинска повреда на Законот од членовите 75, 76 и 77, од страна на судијата – доколку настанувањето на повредата му била позната, а непријавувањето е заради прикривање на истата, тогаш тоа е основ за поведување на постапка за разрешување од функцијата претседател.
Во писмото од министерката се укажува и на обврските во член 17 од Судскиот деловник, според кој претседателите на судовите имаат надлежност да вршат редовен увид во работата на судот“, се вели во соопштението на Министерството за правда.
Прилог допис испратен до судовите
М.В