/ Прочитано:

836

Министерката за финансии предлага доставување на анонимни амандмани

Министерката за финансии, Нина Ангеловска, на комисиската расправа за Буџетот за 2020 предложи промена на процесот на доставување амандмани, односно да се искористи технологијата и амандманите да се предлагаат анонимно. На тврдењето на дел од пратениците на опозицијата дека амандманите не се прифаќаат бидејќи доаѓаат од опозицијата, министерката одговори дека единствената основа врз која се прифаќа или се одбива амандманот е квалитетот на предлогот, затоа таа предложи во иднина амандманите да се предлагаат анонимно.

„Треба да се гледа содржината на амандманот, а не од која партија е поднесен, затоа амандманите за Буџетот треба да се предлагаат анонимно, а решенијата да бидат детално објаснети и поткрепени со анализа и бројки. За да не се политизира моментот дали амандманот бил прифатен или одбиен во зависност од предлагачот, предлагам да има анонимност при поднесување на амандманите, и да не се знае кој амандман од кого е поднесен, а технологијата денес ни го овозможува тоа. Секое добро и издржано решение се прифаќа, без разлика од која политичка партија доаѓа“, рече Ангеловска и посочи дека кај ребалансот на Буџетот за 2019 третина од прифатените амандмани биле од опозицијата.

Ангеловска посочи и дека е клучно да се предлагаат издржани решенија со реални суми. Таа истакна дека има повеќе амандмани каде што се предлагаат нереално мали суми за проекти кои вредат десеткратно повеќе и сумата не кореспондира со реалните потреби. Ангеловска посочи и дека при предлагање на амандманите треба да има и анализа и разработено решение за да може да се дискутира за него.

М.В