/ Прочитано:

1.478

Министерката за правда ги образложи измените на Законот за спречување на корупцијата за кои ќе има јавна дебата

Министерството за правда од денес го стави на јавна дебата Законот за измена и дополнување на Законот за спречување на корупцијата. Основната цел на овие измени на Законот е зајакнување на ефикасноста и независноста на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и постигнување на поефикасна превенција и борба против корупцијата.

Една од препораките на Европската комисија е потребата од реформа во антикорупциската институционалната рамка заради зајакнување на ефикасноста и независноста на ДКСК.

Во Извештајот за напредокот на Република Македонија, 2016 година забележано е дека на ДКСК ѝ недостига функционална независност („процесот на селекција и именување на нејзините членови не е транспарентен и изгледа како да фаворизира политичка лојалност, а не професионализам и интегритет“) и се укажува на потребата за ревизија на статусот и составот на ДКСК во правец на поголема транспарентност, базираност на заслуги и независност од политичките партии.

Проблемите во функционирањето на ДКСК беа забележани и од страна на граѓаните, што резултираше со континуиран пад на довербата на јавноста во ДКСК.

Како резултат на нашите согледувања, вели министерката, но и на согледувањата на меѓународната заедница, овие измени ги ставаме на увид и на јавна дебата.

Министерката за правда на денешната прес-конференција во врска со измените на Законот рече дека со нив се предвидува нов состав на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), менување на условите за именување претседател и членови на Комисијата, како и проширување на нејзините надлежности.

Имено, се воведуваат нови надлежности на ДКСК, појасни министерката, со кои се предвидува Комисијата да ја следи и да ја утврдува законитоста на финансирањето на политичките партии. Во случај на постоење на сомневање за незаконито финансирање на политичка партија, ДКСК по сопствена иницијатива ќе презема мерки за утврдување на фактичката состојба. Следната надлежност на ДКСК ќе биде контрола на материјално-финансиското работење во предметите по кои постапува, по извештаите на Државниот завод за ревизија за контрола на постапките кои укажуваат на незаконитости во материјално-финансиското работење на буџетски корисници.

„Законските измени предвидуваат годишна контрола на имотната состојба на претседателот и на членовите на ДКСК, а се проширува и кругот на лица кои ќе поднесуваат анкетен лист до Комисијата за својата имотна состојба. Покрај сите избрани и именувани одговорни лица во јавни претпријатија, со измените се предвидува и нотарите и извршителите да поднесуваат анкетен лист до ДКСК и до УЈП и изјава за откажување од банкарска тајна“, нагласи Дескоска, додавајќи дека ДКСК во однос на финансиското работење подлежи на контрола од Државниот завод за ревизија, како и сите други институции.

Со законските измени се менуваат условите за именување претседател и членови на ДКСК, како и постапката за избор на Комисијата. Предвидено е, посочи министерката за правда, ДКСК да биде составена од претседател и четири члена кои ги именува Собранието на РМ, со мандат од пет години, без право на повторен избор во наредните пет години.

„Измените на Законот од денеска се ставени на јавна дебата, а следната недела ќе биде организирана и тркалезна маса, по што се очекува што поскоро Законот да биде пратен во Собранието на РМ“, потенцираше Дескоска.

М.В