Министерката за правда ги образложи усвоените измени на Законот за извршување
Измените на Законот за извршување се во насока на начелото за заштита на личноста, достоинството и интересите на должниците и на нивните семејства, вели министерката за правда Рената Дескоска.
„Усвоени се измените на Законот за извршување, што е одраз на реалната потреба за помош и поддршка на загрозените категории на лица кои се соочуваат со егзистенцијални проблеми, но и на социјално ранливите групи на лица, кои не по своја вина не се во можност да ги намират своите долгови без да им се загрози егзистенцијата, не само личната туку и на нивните семејства.
Со измените целосно се изземаат од присилно извршување примањата на граѓани кои се корисници на гарантирана минимална помош од социјалната заштита, примањата на децата во согласност со Законот за заштита на децата, како и примањата за социјална сигурност на старите лица, во согласност со прописите за социјална сигурност на старите лица.
Дополнително, со измените се намалува износот на максималната вредност што може да биде задржана, односно се менуваат ограничувањата на извршувањето и тоа од 1/3 на 1/5 од плата и пензијата за лицата приматели на просечна плата и пензија, надомест на трошоци за сместување на лице и надоместок за згрижување на згрижувачко семејство, како и за децата корисници на семејна пензија.
Примената на законските одредби се однесува и за веќе започнатите извршувања како поповолен закон за граѓаните“, објави Дескоска.
Измени на Законот за извршување: Целосно изземање од извршување на корисниците на помош
М.В