/ Прочитано:

899

Беџети: Македонија ги презема сите постапки за екстрадиција на Исмаиловиќ и Демири

Петок, 17 мај – Македонија ги презема сите постапки за екстрадицијата на обвинетите во случајот „Смилковско езеро“ изјави денеска Министерот за правда, Блерим Беџети. За евентуалното двојно држвјанство на Африм Исмаиловиќ и Алил Демири кои според обвинението се двајца од тројцата директни извршители на убиството министерот нема офицјални сознанија – информација која неговиот косовски колега ја обелодени во јавноста.

„Министерството за правда ги презема сите постапки, како и за сите други случаи, така и за овој. Ние сме во комуникација со косовското Министерство за правда. Се уште не сме официјално известени, но по сознанијата што ги имаме факт е дека таму има сторено кривично дело од страна на обвинетите и дека од правна гледна точка треба да заврши постапката во Приштина. Потоа ќе добиеме и одговор за екстрадиција“, изјави министерот Беџети.

Беџети инсистираше да не се прејудицира во однос на екстрадицијата, посочувајќи дека македонското Министерство за правда има коректни односи со министерствата од сите соседни држави имајќи ги предвид, како што рече, иницијативите за билатерални договори со сите држави во регионот.

„Сметам дека треба да причекаме да завршат сите постапки“, повтори министерот за правда.

Во однос на евентуалното двојно државјанство на обвинетите, за кое медиумите деновиве пишуваат, министерот изјави дека нема никакви официјални информации.

Пред два дена, порталот „Сетајм“ пренесе дека косовскиот заменик премиер и министер за правда, Хајредин Кучи, обелоденил за двајцата обвинети во случајот „Монструм“ дека се и косовски државјани. Според него, нивното двојно државјанство, македонско и косовско, може да ги спаси од екстрадиција.