Министерот Талат Џафери во интервју за „Дневни аваз“: Случајот со смртта на Трајковски е полн со нејаснотии
Понеделник, 1 април 2013 – Министерот за одбрана на Македонија, Талат Џафери, кој неодамна беше во прва официјална посета на Босна и Херцеговина, во интервју за сараевскиот весник „Дневни аваз“ вели дека случајот со смртта на претседателот Борис Трајковски, кој загина во близина на Мостар, е полн со нејаснотии.
„Од аспект на прифатливите информации во врска со овој случај, се проценува дека е потребна нова истрага. Потребна е затоа што останаа доста нејаснотии, како, зошто и кој би можел да биде виновник. Мислам дека двете Влади ќе дојдат до точни информации за овој случај конечно да се реши“, вели министерот Џафери во врска со новата истрага за авионска несреќа што ја покрена босанската Влада.
Во интервјуто, Џафери зборува и за проблемот на БиХ со вишокот оружје кое се шверцува по рута која оди помеѓу земјите од поранешна Југославија.
„Тоа е глобална појава која не го засега само нашиот регион. Ние работиме на пописот на вооружување, а со вишокот оружје или го продаваме или се уништува. Кај вас е проблем затоа што имавте ентитетска армија и вашиот министер ми рече оти тука има доста проблеми. Заедно работиме на тоа овој проблем да се сведе на минимум“, рекол Џафери.