/Прочитано:

1.179

Министерот за Брегзит во сенка тврди дека британските закони за човекови права не спречуваат апсење на терористи

Кер Стармер, кој бил директор на Јавното обвинителство на Велика Британија, а чија надлежност бил тероризмот, изјави дека премиерката Тереза Меј прави погрешни потези – наместо да влијае врз спроведување на законите, таа работи на намалување на полицискиот кадар. Главниот проблем е што доколку властите ја запостават областа на човековите права, со оглед на она што се случуваше во Лондон во последниве неколку месеци, тогаш паѓаат во вода вредностите на демократијата.

Министерот за Брегзит во сенка од Лабуристичката партија, Кер Стармер, за британските медиуми изјави дека британското законодавство што се однесува на човековите права не забранува апсење и ефикасно справување со терористите, предупредувајќи дека не треба да се тргува со тешко стекнатата слобода .

Стармер, кој бил поранешен директор на Јавното обвинителство (2008 – 2013), чија надлежност бил тероризмот, изјави дека премиерката Тереза Меј прави погрешни потези – наместо да влијае врз спроведување на законите, таа работи на намалување на полицискиот кадар. Главниот проблем е што доколку властите ја запостават областа на човековите права, со оглед на она што се случуваше во Лондон во последниве неколку месеци, тогаш паѓаат во вода вредностите на демократијата.

Во законите што ги уредуваат човековите права, Стармер никогаш досега не наишол на клаузула со која се оневозможува гонење на терористи или на оние што планираат терористички напади. Дури и додека бил главен на Јавното обвинителство, никогаш не гледал на законите како пречка да се справи со тероризмот и да покрене десетици обвиненија за потенцијални терористи.

Меј за медиумите изјави дека е подготвена да интервенира во легислативата, со цел да се наметнат нови ограничувања за лицата осомничени за тероризам, нивно депортирање, како и зголемување на контролата на екстремистите. Таа и како министерка за внатрешни работи била под медиумски притисок во однос на прашањата поврзани со намалувањето на полициските и разузнавачките сили.

И лидерот на лабуристите, Џереми Корбин, за „Скај њуз“, изјави дека неговата партија се противи на какво било менување на законите поврзани со човековите права. Британците треба да ги бранат своите слободи, права и демократија и да не заборават дека како држава ја имаат потпишано Европската конвенција за човековите права.

Конзервативците ветија дека нема да се повлечат од Конвенцијата, па сепак постои можност Меј да достави план со кој ќе бара интервенција или некакви отстапки во неа.

С. М.