/ Прочитано:

1.770

Министерот за информатичко општество и администрација најави детален извештај за вработените во јавниот сектор

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, денеска најави дека во текот на оваа недела, Владата ќе излезе со детален извештај за сите вработувања од новата Влада, но и за вкупниот број вработени во јавниот сектор.

„Во текот на оваа недела, многу побргу од предвидениот рок, ќе доставиме детална информација за сите вработувања. Ќе се види дека се создава фама околу нешто што апсолутно е во согласност со закон и не постои никакво гломазно вработување, но исто така ќе излеземе и со детална информација за сите незаконски, илјадници незаконски вработувања во периодот од распишувањето на парламентарните избори до креирањето на новата Влада, како и со многу детален извештај за, можам да кажам, измамата околу вкупниот број вработени во јавниот сектор“, изјави министерот Манчевски, одговарајќи на новинарски прашања при промоцијата на новата инвестиција во „InPlayer“.