/Прочитано:

834

Министерство за финансии: Буџетот за 2018 година е проектиран на 211,7 милијарди денари

Буџетот за 2018 година е проектиран врз претпоставка за реален раст на БДП за 3,2%, кој се очекува да биде одраз на континуирана солидна лична потрошувачка, забрзување на инвестициите и повисока извозна активност. Проекцијата за раст на БДП е иста со есенските проекции на релевантните меѓународни институции како ММФ и Светска банка. Односно, буџетот за 2018 година е проектиран на 211,7 милијарди денари или 3,44 милијарди евра. Приходите се планирани на 193,5 милијарди, а буџетскиот дефицит на 18,2 милијарди денари или 2,7 проценти од БДП.

Во Министерството за финансии денеска се одржа јавна дебата на која беше претставен Предлог-буџетот за 2018 година. Во јавната дебата, Министерството за финансии за првпат ги вклучи граѓанскиот сектор, синдикатите и стопанствениците во процесот на донесување на Буџетот.

Буџетот за 2018 година е проектиран врз претпоставка за реален раст на БДП за 3,2%, кој се очекува да биде одраз на континуирана солидна лична потрошувачка, забрзување на инвестициите и повисока извозна активност. Проекцијата за раст на БДП е иста со есенските проекции  на релевантните меѓународни институции како ММФ и Светска банка. Односно, буџетот за 2018 година е проектиран на 211,7 милијарди денари или 3,44 милијарди евра. Приходите се планирани на 193,5 милијарди, а буџетскиот дефицит на 18,2 милијарди денари или 2,7 проценти од БДП.

Најголем дел од расходите се наменети за пензии, социјална и детска заштита со 32% од вкупните расходи, 19% се наменети за економски развој и финансиски работи, 14% за здравство, 11% за образование, наука и спорт, по 5% за градежништво, транспорт, комуникација и екологија, земјоделие и јавен ред и безбедност, 3% за одбрана, по 2% за надворешни работи и ЕУ-интеграција и за култура, и по 1% за судство и за регионален развој.

Капиталните расходи се планирани во износ од 24,7 милијарди денари, односно раст од 1,3 милијарди денари повеќе во однос на ребалансот од 2017 година. Во овие рамки, планирано е интензивирање на сите активности на патната и железничката инфраструктура, комуналната и енергетската инфраструктура, инвестиции во здравството, образованието и детската заштита, а особено се зголемени средствата за одбрана и за гасификација.

Платите се проектирани на 27,1 милијарди денари и има раст од 460 милиони денари поради повисоките плати за сите припадници на АРМ, нови вработувања во детските градинки, како и зголемувањето на платите во здравството, образованието и градинките за пет проценти кое е планирано со септемвриската плата во 2018 година.

Во 2018 година не се планираат поголеми даночни промени. Планирано е зголемување на акцизата на нафтата за 3 денари, со очекувани повеќекратни ефекти во насока на повисоки буџетски приходи за финансирање на нови расходи, усогласување со европските стандарди и регулативите на ЕУ и заштита на животната средина. Очекуваниот ефект е 1,6 милијарди денари кај акцизата и 350 милиони денари кај ДДВ.

Министерот Драган Тевдовски денеска нагласи дека прогресивното оданочување ќе почне од јануари 2019 година, нагласувајќи дека и сега да се подготват законите ќе нема време целата реформа да почне да се имплементира од јануари 2018 година.

„Прогресивниот данок да не го воведеме насила. Нашата намера е да почнеме од јануари 2019 година и постапката да биде целосно отворена. Се планира сите законски решенија за воведување на прогресивниот данок да бидат готови до средината на наредната година“, рече Тевдовски.

Граѓанските здруженија истакнаа дека Буџетот е развоен ако се земе предвид високото ниво на капитални инвестиции и посочија дека треба да се настојува да има што подобра реализација на капиталните расходи. Министерот за финансии Драган Тевдовски истакна дека проекциите за капиталните расходи се реални и очекува да се реализираат.

Синдикатите прашаа како Владата ќе помогне во зголемување на нивото на платите. Од страна на министерот беше истакнато дека веќе се преземаат мерки за зголемување на општото ниво на платите со покачување на минималната плата, а дека следната година ќе има покачување на платите во темелите на општеството, односно во образованието и во здравството. Исто така, министерот за финансии истакна дека со економскиот раст ќе се придонесе за зголемување на платите во сите сектори.

А. Б.